EV
Fiat го враќа Topolino
Предвоениот Fiat 500 толку беше популарен што народот нагалено, според Мики Маус на кој ги потсетуваше, го нарече Topolino што во превод значи мало глувче.
Fiat Topolino се појави во 1936 година и се произведуваше до 1955 година кога го наследи нам добро познатиот Fiat 600 односно Фиќо.
Сега, после толку време, Италијанците се подготвуваат да го реинкарнираат легендарното име нарекувајќи ја така својата верзија на Citroen Ami.
Првиот прототип веќе бил покажан на дилерите, чии импресии се позитивни бидејќи бил подотеран отколку францускиот пандан.
Механиката веројатно ќе остане иста – електромотор од 8 KS, батерии од 5,5 kWh, максимална брзина од 45 km/h и автономија од 75 km.
Ќе се произведува во Мароко, а постои размислување да биде понуден и во отворена верзија со платнен покрив, исто како и оригиналот.