Во светот

Ferrari Purosangue: Чиста италијанска крв

Објавено на

 

Првиот SUV на Ferrari, претставен минатата седмица, ги преплави насловните страници на сите светски медиуми. Имаше и со што!

Покојниот извршен директор на брендот Сергио Маркјоне (Sergio Marchionne) тврдеше дека додека е жив нема да дозволи Ферари да произведе SUV возило.

Така и беше. Но од неговото упокојување помина доволно време за да се заборави неговата принципиелна тврдоглавост.

Ferrari не можеше да остане рамнодушен пред налетот на Rolls-Royce (Cullinan), Bentey (Bentayga), Aston Martin (DBX), Maserati (Levante) и од порано Lamborghini (Urus), и Porsche (Cayenne).

 

Пет метри технологија

Ferrari зад себе има историја од 75 години во конструкција на GT спортисти. Убава е тоа база за конструкција на првиот SUV модел, Purosangue. Но поради спецификите на архитектурата, и недоволна.

За демострација на сопствените потенцијали впрегнати се сите ресурси, вклучувајќи го и преполниот технолошки регал со решенија од Formula 1.

Шасијата е целосно нова. Сместувањето на атмосферскиот V12 мотор, централно зад предната осовина, заедно со новоразвиениот интегрален погон, ги диктираат тие услови.

Употребата на алуминиумски легури при изградбата на долниот построј допринесува кон намалување на тежината, што заедно со употребата на супер цврстите челични легури, ја даваат потребната структурна цврстина.

Алумиумскиот капак на моторот и кровот од карбонски влакна со малата специфична тежина го спуштаат пониско центарот на гравитација. Штедењето на материјал во возило од половина милион еввра, никогаш не е опција.

Конструкцијата се потпира на целосно нова активна суспензија која поради иновативните решенија е посебно патентирана.

За брза реакција на хидрауличниот систем за амортизација се грижат посебно дизајнирани 48-волтни електромотори со кои командува електронска единица.

Во набројувањето на оваа технолошка ризница неправедно ќе биде ако не се спомене и задниот диференцијал во кој исто така е вграден електромотор.

Во зависност од векторскиот пренос на вртежниот момент, тој управува и со аголот на вртење на задните тркала.

 

Атмосферски V12 со 725 КС

Ништо помалку од дванаесет цилиндри не би биле доволни за првиот SUV на Ferrari. Култниот мотор е позајмен од моделот 812 Competizione, каде што е централно поставен, веднаш зад вазачот.

Преместувањето во предниот дел принудно бара поприлечен број прилагодувања. Притоа е интервенирано на всисните и издувните системи, како и на ладењето.

А кога веќе морало да се интервенира, инженерите од Маранело ја искористиле можноста па додатно ги намалиле механичките отпори, ги промениле челните површини на клиповите, вградиле нови пумпи за вбризгување (350 bar),…

Всушност ги искористиле иксуствата за калибрирање од својата F1 дивизија. Само со една драматична разлика, во погонот на Purosangue нема електрична асистенција.

Секако моторот ја задржува основната конфигурација: работен волумен од 6,5 литри, V12 архитектура со агол помеѓу цилиндрите од 650. При вриштечките 7.750 вр/мин се постигнуваат 725 КС, со максимум на кривата на вртежниот момент од 716 Nm (6.250 врт/мин).

Моторот е поставен зад предната оска со што е овозможено идеална тежинска распределба по оски (49:51).

Менувачот е 8-степенски, излишно е да истакнеме дека и тој води директно потекло од тркачките патеки.

Разликата се прави во односот на степените на пренос кои се прилагодени и за мирно крстарење на автопат.

Уникатни решенија се употребени и при проектирањето на интегралниот погон, кој реагира во зависност од многу влезни параметри.

Се до оваа точка делува прилично ветувачки за перформансите. Кога првата стотка се фаќа за 3,3, втората за 10,6 секунди, а максимумот е поставен на над 310 км/ч, место за приговори не би смеело да има.

За SUV возило со димензии (4.973 x 2.028 x 1.589) и тежина која надминува два тона, и повеќе од импресивно.

И така можеме да набројуваме техникалии до надоглед затоа што сите компоненти се оригинални решенија на Ferrari, кој знаеме, нели, што претставува во светот на спортските автомобили.

Ferrari Purosangue (во слободен превод името значи, Чистокрвен) е дизајниран во Ferrari Styling Centre под диригентска палка на Флавио Манцони (Flavio Manzoni).

Нема да навлегуваме во оценување на неговата претстава за естетизирање на СУВ-првенецот од Маранело, само би кажале дека четириседот со четири врати има импозантни димензии.

Токму какви што и заслужува спортист со наперено коњче на носот.

 

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.