Таму некаде, далеку зад Кинескиот ѕид, животот тече според некои други правила.
И нормално, сите се прилагодуваат на нив, им биле блиски за сфаќање или не.
Нам ни оддалеку не ни е блиско да сфатиме како некој може да го купи ова, но очигледно таму, далеку зад Кинескиот ѕид, има и такви купувачи.
А Toyota како глобален производител на возила ги почитува желбите на сите, каде и да се, и на салонот во Шангај го лансираше Crown Vellfire.
За него можеме да кажеме само две работи – дека е Toyota каква не познаваме и дека е луксузен моноволуменец кој настапува како дотерана верзија на моделот Alphard кој во Кина го произведува нивниот партнер GAC.
Тоа значи дека има редизајниран преден дел со впечатлива маска, нови светла и друг браник, како и дотеран ентериер со нова инструмент-табла и побогата опрема.
Овој моноволуменец со три реда седишта доби и хибриден погонски систем од 2,5 литарски бензинец со комбинирана моќност од само 163 KS и CVT менувач.
За крај место десерт, цената која Toyota во Кина ја бара за Crown Vellfire изнесува пресметано дури 141.700 американски долари. Па сега некој ако сака нека каже нешто.