Тестови

Citroën C5 X: Иновативна интерпретација на Д-сегментот

Објавено на

 

Од креативно толкување на технологијата, Citroën преминува во филозофија на одважност и иновации за спокојни патувања. Го возевме челникот на гамата, Citroën C5 X кој под хаубата крие 225 хибридни коњи.

Во големото друштво на Stellantis, очигледно Citroën одлично се чувствува.

Всушност, ослободени од непотребните пазарни пресии, конструкторите се оставени да го работат тоа што најдобро го знаат.

Помеѓу останатото тие знаат да прават и големи лимузини. Во широкиот спектар на нивното богато искуство посебно место зазема Citroën DS.

Популарната „де голка“ со напредните технологии, и посебно со примена на хидропнеуматско потпирање како да беше роден половина век пред своето време. Тоа е брендовската историја, но иновативноста останува во генетиката на моделите кои потоа ќе следат.

Актуелните движења налагаат гасење на популарната класа на лимузинити од Д-сегментот. Во Европа веќе не се нудат Accord, Avensis, Mondeo, Optima, популарниот Passat нема да има наследник, а неизвесна е судбината и на Insignia.

Конструкторите на Citroën тука стапуваат на сцена нудејќи (повторно) големо возило со иновативна архитектура. На пазарот е лансиран Citroën C5 X.

Спасот на Д-класата се операционализира со комбинирање на најдобрите својства на класичен седан, голем караван и кросовер. Наизглед невозможната мисија, иновативно расположените конструктори ја исполнуваат на перфектен начин.

Лубителите на секој од трите каросериски облици ќе пронајдат доволно аргументи за задоволување на сопствените очекувања.

 

Лебдечки салон

Описот на впечатоците од неколкудневното дружење со Citroën C5 X би го започнале со внатрешноста. Чувството на боравок во престижен, стилски салон се надополнува со смирената елеганција на секој детал.

Гледано од практичен аспект, на оваа позиција би требало да ги издвоиме посебно изведените Advanced Comfort седишта, потоа ергономската организација на возачката позиција, и конечно, одбраните материјали и перфектната завршна изработка.

Кога посебно изолираните стаклени површини заедно со механичката изолацијата, ќе се стават во контекст на уникатната амортизација, се добива она карактеристично чувство на „лебдечки килим“.

За непречена соработка помеѓу возачот и возилото е задолжен целосно нов комуникациски интерфејс со 12-инчен HD екран кој има можност да реагира и на гласовни команди.

На дигиталниот екран пред возачот може да се одбере сетот основни податоци кои ќе бидат прикажани, а останатите информации се проектираат на адаптивниот „хедап“ дисплеј кој има можност за избор на графиката и типот на информации.

 

Хибридна технологија

За разлика од екслузивноста на обликот и комфорот, механичкиот дел заслужува скромно да биде наречен: напреден. Plug-in системот го сочинуваат турбо бензинец од 1,6 литри – распоредени во четири цилиндри, а во кои горивото се вбризгува директно – заедно со електромотор од 110 КС кој се напојува од сет батерии со капацитет од 12.4 kWh.

Заедничкиот настап на двете пропулзии испорачува 225 КС доволни за забрзување од 7,9 секунди и брзински максимум од 235 км/ч.

Податокот кој го одредува хибридниот карактер е автономијата кога се вози само на струја. Во зависност од условите и стилот на возење може да се поминат педесетина (во град и повеќе) километри со едно полнење на батериите.

Проверката ја направивме со полнење на јавен полнач кој Тутунска банка го има поставено пред трговскиот центар „Палма мол“ во Тетово .

Релацијата до Скопје ја поминавме без вклучување на бензискиот мотор, а притоа само тербаше да внимаваме брзината да не помине 100 км/ч бидејќи тоа е режим кој дава оптимум помеѓу прифатливата автопатска брзина и трошењето на батериите.

Според современите стандарди, најефикасно решение е сместување на погонскиот електромотор во куќиштето на менувачот. Тоа решение е применето и овде, па така во исто куќиште со 8-степенскиот автоматик, сериски е споен и моторот на струја.

Природна средина на седанот со меѓуоскино растојание од 2.785 mm е автопатот каде што возењето е – добро. Многу добро. Можеби и недостижно за преостанатата конкуренција.

Потрошувачката на гориво е тешко да се измери токму поради комбинираната потрошувачка на бензин и електрична енергија.

Во секој случај таа е екстремно ниска (борд комјутерот покажува 5,6 до 5,9) но мора да кажеме дека истата не се менуваше дури и при возењето само на електрика. А тоа секако не е издржано, затоа што комјутерот ја бележи потрошувачката само кога е вклучен бензискиот мотор.

Нотираната непрецизност околу потрошувачката останува како најголем недостаток(!) на Citroën C5 X. Да малку нејасна останува и употребата на „X” во ознаката, претпоставуваме дека во иднина и суфиксот ќе го оправда своето постоење.

Според службениот ценовник, тестираниот модел, опремен со богатиот Shine пакет на опрема, чини 53.940 евра.

 

Citroën C5 X Shine Hybrid 225 S&S  ë-EAT8

мотор линиски турбо бензинец со Plug-in хибридна асистенција , четири цилиндри, сместен напред, попречно
работна зафатнина 1.598 cm3
пречник и од 77 × 85,8 mm
напојување Директно вбризгување, тубо полнач, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, компресија 10,1:1
максимална силина 165 kW / 180 КС @ 5.500
максимален вртежен момент 250 Nm  @ 1.750 врт/мин.
пренос на силина 8 ë-ЕАТ, автоматик со двојна спојка, 8-степени, погон на предна оска
електромотор 77 kW (110 КС) / 320 Nm
батерија 12,4 kWh
системска силина 225 КС @ 6.000 врт/мин
системски вртежен момент 360 Nm / 1.750 врт/мин
потпирање Напред: независно, McPherson, стабилизатор                    Назад: независно, multi-link, стабилизатор
сопирачки: напред / назад вентилирани дискови / дискови  – ABS, EBD
должина x широчина x височина 4.805 x 1.865 x 1.485 (mm)
меѓуоскино растојание 2.785 mm
тежина 1.781 kg
максимална брзина 235 km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 7,9  секунди
комбинирана потрошувачка 1,5  l/100km
емисија  на CO2 (WLTP) 32  gr/km

 

 

 

 

текст & фото:  Агрон Сулејман

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.