Тестови
Citroën C5 Aircross: Оригиналност со додадена вредност
Со редизајнот на C5 Aircross се опфатени предната и задната секција, внатрешноста е додатно облагородена, а содржината збогатена со бројни безбедносни системи.
Тоа значи, по три години поминати на пазарот следува редизајн на моделот кој треба да ја освежи понудата се до појавување на целосно нова генерација.
Следејќи ја таа логика C5 Aircross претрпе промени кои се видливи во предната и задната секција, кои се малку поинтензивни во внатрешноста.
Промени има и во содржинскиот дел. Тие се невидливи, но добро знаат да се почуствуваат.
Промена на визуелниот израз
Визуелното апдејтирање на C5 Aircross резултира со помоќен изглед, кој е сепак е повеќе дискретен отколку нападен.
Тоа е постигнато со нов облик на маската во која доминира новото лого на брендот. Линиите на раздвоените тродимензионални лед светла се проетегаат по целата широчина пресекувајќи се токму на новиот симбол.
За надополнување на впечатокот тука се новите отвори на ладилниците кои за прв пат се во облик на низа „шеврони“.
Како поистакната промена во задниот дел се издвојува новата светлосна група која сега е со истакната трета димензија, а воедно има и нова графика на LED светлата.
Целината делува стилски дотерано, совремeно и хармонично, впечаток кој нема да ги одмина естетски настроените погледи. И секако, оригинално – типично ситроеновски.
Нови технологии
Citroën C5 Aircross од 2022 годиште може да се добие со дизелски, бензиски и плагин хибриден погон.
Ние возевме дизел од 131 КС кој предниот пар тркала ги придвижува преку автоматски менувач со осум степени на пренос. Проверена механичка постава која работата си ја врши тивко, глатко и економично.
Пакетот на опрема Shine уште повеќе ги истакнува спецификите на овој Citroën. Пред се тука мислиме на системот Citroën Advanced Comfort кој го вклучува потпирањето со посебни амортизери како и седиштата изработени по уникатна технологија.
Системот е познат по трвдоглавоста да им се покори на лошите патишта.
А кога сме кај седиштата да го истакнеме фактот што во задниот ред трите седишта се независни и се померуваат како по должина така и по нагиб.
И конечно доаѓаме до предниот ред каде што пред шоферот е поставена дигитална инструмент табла со големина на екранот од 12,3 инчи. Графичкиот приказ на податоците може да се подесува спрема индивидуалните афинитети на корисникот.
Централно поставениот таблет има големина од 10 инчи, и на некој начин ги сублимира сите функции кои можат да го направат полагоден животот зад управувачот. Конечно, голем дел од функциите може да се извршуваат преку гласовни команди.
Опрема
Вгардувањето на краткобранов радарски систем овозможува работа на активен темпомат и можност на автоматско запирање на возењето во случај на опасност од судир со друго возило или со некој друг учесник во сообраќајот.
За секој случај своето присуство го пријавуваат и системот за автоматско одржување на коловозната лента, предупредувањето за возило во „мртов агол“, автоматско поставување на долгото светло.
Од ситниците кои живот значат присутни се автоматиките кои се грижат за палење на светлата, метличките на бришачите, бесконтактното влегување и палење на моторот,..
… сето тоа си има и своја цена
Во новосоздадената реалност која е резултат на некои економски преструктуирања од светски размери, тешко е да се предвиди каде ќе застане јазичето на реалниот однос понуда/побарувачка.
Цените за Citroën C5 Aircross започнуваат нешто под 30К додека за возениот модел таа изнесува 40.500 евра.
Citroën C5 Aircross (1,5 diesel, EAT 8, Shine) |
|
мотор | линиски common-rail дизел (BlueHDi), четири цилиндри, сместен напред, попречно |
работна зафатнина | 1.499 cm3 |
пречник и од | 75 × 84,8 mm |
напојување | Директно вбризгување, тубо полнач, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, компресија 16,4 : 1 |
максимална силина | 96 kW / 131 КС @ 3.750 |
максимален вртежен момент | 300 Nm @ 1.750 врт/мин. |
пренос на силина | 8 ЕАТ, автоматик со двојна спојка, 8-степени, погон на предна оска |
потпирање | Напред: независно, McPherson, стабилизатор Назад: полукрута оска, стабилизатор |
сопирачки: напред / назад | вентилирани дискови / дискови – ABS, EBD |
должина x широчина x височина | 4.500 x 1.840 x 1.689 (mm) |
меѓуоскино растојание | 2.730 mm |
тежина | 1.489 kg |
максимална брзина | 188 km/h |
забрзување од 0 – 100 km/h | 10,6 секунди |
комбинирана потрошувачка | 4,1 l/100km |
емисија на CO2 (WLTP) | 107 gr/km |