Во светот
Citroën Ami: електричен пријател
Мал, снаодлив и употреблив – тоа е Citroën Ami (2020). Со ниската цена, електричниот француски „пријател“, има амбиции да ја редефинира урбаната мобилност.
И тоа со цени кои сé досега се сметаа за неостварливи. Поточно, со цена на скутери или трицикли кои се истакнуваат со својата скромност.
Citroën Ami тоа го постигнува со оригинална идеја и со шармантен дизајн кој притоа користи симетрични делови – како во однос на страните, така и во односот напред-назад.
Со инвентивноста се отишло до таму да и вратите се идентични што подразбира, нели дека левата и десната не се отвараат симетрично. Ако сте возач вратата се отвара од напред на назад, додека совозачот влегува преку класично отворената врата. Практично, ефтино, а воедно и шармантно решение.
Нешто слично се случува со предните, задните и страничните панели кои исто така се идентични. Затоа, да не се светлосните групи, тешко се препознава дали возилото се гледа од предна или пак од задна страна.
Намерата е јасна – да не се посомнева некој во француската оригиналност, и доседливост. Ма, ни случајно – погледнете го добро Citroën Ami! Нешто слично ниту имало, ниту пак ќе има.
И димензиите придонесуваат кон оригиналнота на појавата. Вкупната должина од навистина скромните 241 cm и широчината од 139 cm овозможуваат покретрливост на мотоцикл – може да сврти на простор од само 7.2 метри.
Прифатлива цена за целиот демос
Ајде веднаш да ја соопштиме цената. Во Франција Citroën Ami чини рамно 6.000 евра. Тоа го прави достапен како за малопродажба, така и за се поприсутните системи за изнајмување и споделување.
За побараниот износ францускиот „пријател“, како перформанси, нуди максимална брзина од 45 км/ч, со акциски радиус од 70 километри.
Убавината на вградената батеријата од 5.5 kWh е во фактот што за неполни три часа се полни до максимален капацитет, и тоа приклучен на обичен, домашен приклучок. Ако ова дејствие ве потсетува на полнење мобилен телефон, не сте далеку од вистината.
Ако и таа цена е преголем товар за буџетот, Citroën Ami ќе можете да го изнајмите за месечен надоместок од 19.99 евра. Постои и можност за временско изнајмување при што за една минута треба да се платат 26 центи.
Повторно, слободно споредете го со употребата на еден смартфон, а сепак Ami ќе може да превезе двајца патници кои притоа можат да поносат и багаж за лична потреби.
Со Ami, Citroën од темел ја редефинира урбаната мобилност, поставувајќи ја во прв план демократизацијата на електричниот погон.
текст: Агрон Сулејман
фото: Citroen