EV
Bugatti, Porsche и Rimac ги измешаа гените
Од Хрватска пристигнува голема вест – Rimac со помош на Porsche го презема Bugatti
Личи на сценарио за холивудска приказна, но вистина е – за една деценија Rimac напредуваше од ентузијастичка компанија со осум вработени до сопственик на Bugatti.
Сето тоа идеално се вклопи во прегрупираниот мозаик на Volkswagen предизвикан од електричната иднина која го очекува автомобилскиот свет.
Резултатот е создавање на нова компанија Bugatti Rimac со седиште во Хрватска, под чија капа отсега ќе делува славната француска марка хиперспортски и ултраскапи автомобили.
Rimac групата во новата компанија ќе има 55 отсто, а Porsche 45 отсто од акциите, додека структурата на сопственоста во Rimac останува – покрај Мате Римац со 37 и Porsche со 24 отсто, дел во неа има и Hyundai (12%).
Заедничките развојни капацитети отсега ќе бидат сместени во Хрватска.
Развојот, производството и продажбата на батериски системи, погонски склопови и останати компоненти за електричните возила ќе биде издвоен во посебна компанија Rimac Technology.
Таа ќе биде во целосна сопственост на Rimac и независно и понатаму ќе соработува со Aston Martin, Koenigsegg, Jaguar, Seat, Pininfarina и други светски производители на автомобили.
На чело на сите компании, стари и нови, ќе биде 33-годишниот Мате Римац.