Bugatti минатата недела најави мистериозна премиера на нешто сосема ново, но освен бројката 0,67 не соопшти ништо за него.
Сега кога е јасно за што зборуваме, да започнеме токму со неа – таа го претставува односот на тежината и моќноста, што ќе значи дека 1 коњска сила од овој болид е задолжена за 0,67 килограми.
Поинаку кажано, овој болид на Bugatti тежок 1.240 kg има 8,0 литарски квад-турбо W16 мотор со 1.850 КС и 1.850 Nm ако се користи 110-октанско тркачко гориво.
Затоа и не треба да изненадуваат фантастичните податоци за забрзувањето кое до 100 km/h изнесува 2,17 секунди, до 200 km/h 4,36, до 300 km/h 7,37, до 400 km/h 12,08 секунди и до 500 km/h 20,16 секунди.
Токму ова последното значи дека има максимална брзина поголема од 500 km/h.
Затоа немаше да згрешат ни да го наречеа и „за-оние-на-кои-Chiron-им-е-малку“ или пак 500+, како што не згрешија што го нарекоа Bolide затоа што навистина е тоа – единствениот „луксуз” во него е седиштето за совозачот.
Bugatti го разви овој модел за само осум месеци, а останува непознаница дали и колку примероци ќе направат од него. Цена, нормално, никој не споменува, не би било пристојно.
