Во светот
BMW Serie 3: Новата тројка заслужува чиста петка
Седмата генерацијана најпродаваниот баварски модел доаѓа со зголемени димензии, полесен е за педесетина килограми и за почеток става на располагање избор од два бензиски и три дизел мотори.
Новата BMW Serie 3 едноставно е препознатлива уште на прв поглед. Иако најавите говореа за ново технолошко ниво, малкумина беа склони да веруваат дека и естетиката ќе биде дотерана до тој степен.
Можеби фановите кои очекуваа драматични промени ќе покажат некоја незадоволна гримаса, но сепак дури и ним им е јасно дека револуциите можат да бидат изведени и со еволутивни методи.
Мало изненадување претставува палетата на мотори избрани за прво соочување со јавноста.
Два дволитрени бензинци со 184 односно 258 КС доаѓаат само со 8-степенска автоматика, а нафтената дивизија составена од два дволитрени мотори (150 и 190 КС) и еден линиски шестцилиндраш од 265 КС може да биде комбинирана со рачни или автоматски трансмисии.
Моторната екипа се очекува напролет да биде појачана со спортскиот шестцилиндерски линијаш (M 340i xDrive) кој со своите 374 КС ќе овозможи забрзување од 4.4 секунди.
Лубителите на екстремни перформанси ќе мора да почекаат на новиот M3 бидејќи производителот сеуште се двоуми околу претставувањето на четворовратен M3 или двовратна M4 варијанта.
Во оваа фаза најава за целосно електрична изведба сеуште нема, а еколошкиот образ ќе треба да го чува хибридната верзија 330е iPerformance која само на струја ќе може да помине помеѓу 50 и 60 километри.
Комерцијализацијата на BMW Serie 3 ќе започне во март 2019 година со цени кои сеуште не се објавени дури ни во матичната земја.