Видео
Bars Motors Mozo: И Монголија коњски сили за трка има [видео]
Да умревме вчера, немаше да знаеме дека и во Монголија се произведуваат автомобили.
Таа е резултат на соработката меѓу домашната компанија Bars Motors и кинескиот Zotye, кои веќе имаат заедничка фабрика за производство на возила во Ханжоу, Кина.
Но сега Bars Motors реши директно да ги произведува возилата во Улан Батор и првиот модел веќе е познат – кросоверот Mozo, а ќе следи уште еден наречен Bagatur.
Монголците велат дека фабриката била модерна и сите процеси во неа биле базирани на блокчеин технологија, што ли да им значи тоа.
Додаваат и дека директната набавка на сите компоненти од германските и јапонските добавувачи ќе обезбеди непречено снабдување на производствениот процес.
Од каде во приказната се најдоа германски и јапонски производители не е сосема јасно, бидејќи Mozo е копија на кинескиот Zotye T500.
Задвижуван е од 1,5 литарски турбо бензинец со моќност од 156 коњски сили, а чини од 18.500 до 26.500 евра.
*Доколку нешто ви е чудно видеото, да знаете дека официјално писмо во Монголија е кирилицата.