Во светот
Audi e-tron GT: Третиот член на електричното друштво
На автомобилскиот салон во Лос Анџелес, Audi ја претстави спортската, GT верзијата која се придружува на семејството на целосно електрични автомобили, Audi e-tron SUV и Audi e-tron Sportback.
Третиот член засега се поклони на побликата само како концепт, но јасно е дека и најспортскиот „електричар“ од Инголштат набргу ќе се придружи на сериските браќа.
Епитетот, најспортски електричен Audi, подразбира и адекватни перформанси.
Четиривратниот седан со должина од 496 cm кој има два електромотора со заедничка силина од 590 КС (434 kW) пристигнува до првата стотка за 3.5 секунди, до втората за 12, а до третата, … не, и тоа го може ама поради сочувување на автономијата максималната брзина е електронски ограничена на „само“ 240 км/ч.
Обично кога се во прашање електричните автомобили, автономијата е податок кој го лимитира карактерот на моделот.
Во подницата помеѓу двете оски, одалечени помеѓу себе на 290 cm, во e-tron GT, Audi вградува батерии со капацитет од 90 kwh. Тие, мерено според новите WLTP стандарди, се празнат по поминати 400 километри.
Има конкуренти кои можат да „дофрлат“ и подалеку, но треба да се земе во обзир дека се работи за голем спортски седан со високо поставена максимална брзина.
Повторното враќање во функција на батериите се изведува екстремно брзо – до 80% се полнат за дваесетина минути. Ова се должи на нивниот висок работен напон кој изнесува 800 волти.
Се разбира дека брзото полнење е возможно само со адекватни полначи додека ако посакате батериите да ги полните во сопствената гаража тој процес ќе потрае добри десетина часа.
Додека сме кај полнењето да ја напоменеме и вградената можност за безжично (индуктивно) полнење, но тоа треба да се сфати повеќе како можност за во иднина отколку прифатлива опција во сегашноста.
Ако се вратиме на спортските карактер бездруго треба да се истакне дека двата мотора се вградени на двете оски а распределбата на вртежниот момент, како по оски така и по поединечните тркала, е во надлежност на контролната електроника.
Ако некој за момент си помисли на прославениот Quattro погон – тоа е тоа, само изведено без механички компоненти и без физичка поврзаност помеѓу предната и задната оска.
До 2025 година, Audi ќе понуди дванаесет автомобили со целосен електричен погон што би значело приближно една третина од вкупната продажбата да биде покриена со електрифицирани модели.