Тестови

Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB: Kласичар кој ќе недостасува

Објавено на

 

Во новите мулти-национални престројувања, Alfa Romeo, Lancia и DS Automobiles ќе ја претставуваат премиум дивизијата на Stellantis.

Кој би рекол дека Giulietta е присутна на пазарот уште од „далечната“ 2010 година. Благите бори на каросеријата никако не можат да го нарушат силниот карактер.

Всушност, тоа е судбината на моделите кои се конципирани пред своето време, и тоа со силна нота на персоналност. Да не заборавиме, говориме за чистокрвен Alfa Romeo, а без исклучок тоа значи спортски карактер спакуван во емотивна обвивка.

Конкретно, го разгледуваме компактот со прекрасно име – Giulietta! И сега лубител на вистинската спортска класика треба да остане рамнодушен на комбинацијата: Италија-автомобил-спорт. Без разлика што возениот модел го носи најслабиот мотор во гамата (120 КС), сепак тоа сеуште е чистокрвна – Alfa.

И тоа вистинска. Замислете сега, оваа и ваква Alfa Romeo Giulietta ги живее своите последни салонски денови. Малата преостаната количина ќе знае, за некакви цени кои важеле во минатото, да ги развесели вистинските лубители на брендот.

Giulietta ги сака брзините

Како што и приличи на компакт со спортски амбиции, Giulietta е изградена врз капацитетна платформа со мулти линк на задната оска и McPherson со стабилизација на предната.

Турбо бензинецот од 1.4 литри во оваа конфигурација испорачува само 120 КС. Велам само поради тоа што овие коњи делуваат некако моќно, многу повеќе на број отколку што тоа номинално се декларира.

Тоа посебно се однесува кога ќе се одбере модот “D” (Dynamic) на селекторот D-N-A (ДНК, кажано по нашки) кој е вграден во традицијата на италијанскиот производител.

Всушност, се до тој момент управувате со возило кое вешто го прикрива својот карактер служејќи пристојно и питомо. Префрлувањето на споменатиот мод, преку реакции на педалот за гас, управувачот и сопирачките го претвара возилото во спортска направа.

Тогаш Giulietta покажува што значи да се носи епитетот – класика. Бездруго мислам на севкупното чувство во кое седечката позиција, спортското опкружување и, … и секако звучната кулиса го надополнуваат единственото доживување.

Поинаку кажано, гарантиран адреналин со секое седнување зад управувачот. Искуство кое, за жал, се поретко ќе го сретнуваме кај големосериските автомобили.

Уште сега чувствуваме носталгија 

Автомобилот кој е во акциска понуда, е опремен со пристоен пакет на опрема во кој покрај компелтниот состав на безбедносни системи се вклучени и конективни можности.

Деновиве сé погласни се информациите кои говорат за наследник на Giulietta, па дури има и тизери со евентуалниот изглед на наследникот.

Дали извршните директори на Stellantis ќе одлучат да го продолжат животот на спортскиот компакт ќе зависи од консталациите настанати со спојување на групациите FCA и PSA.

Едно е сигурно: автомобилите кои служат да нé возат ја започнаа својата доминација, а таквите кои ние ги возивме се вид во исчезнување. За жал!

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.