EV

Хибридни верзии и за Volkswagen Touareg

Објавено на

После Audi Q8 и Volkswagen Touareg доби две плаг-ин хибридни верзии.

Механиката и кај две е иста, 3,0 литарски V6 турбо бензинец и електромотор, батерии од 14,1 kWh, осумстепен автоматски менувач и погон на сите четири тркала – разликата е во вкупната моќност – 381 односно 462 коњски сили.

Посилната погонска група е наменета за Touareg R, кој Volkswagen го најави во февруари годинава.

Тој постигнува максимална брзина од електронски лимитирани 250 km/h, а за да помине 100 километри со полни батерии ќе потроши 2,7 литри гориво и 24,4 kWh струја.

VW не го објавува забрзувањето – место него кажува дека може да влече приколка тешка 3,5 тони, што е екстремна вредност за возила со хибриден погон.

Она што исто така е важно е дека тоа го може и во чисто електричен режим на работа, во кој може да помине 47 километри и да постигне максимални 140 km/h.

Во поглед на опременоста Touareg R има 20-инчни тркала, аеродинамички пакет, LED матрикс предни светла, спортски подесено ослонување, посилни сопирачки, нов издувен систем и дотеран ентериер.

Послабата верзија има ознака Touareg eHybrid и скоро исти еколошки перформанси – електрична автономија од 47 km и потрошувачка од 2,6 литри гориво и 24,2 kWh струја на 100 km.

Стандарден дел на опремата се 4-зонски клима уред, дигитална инструмент табла, панорамски покрив и друго, а ќе се нуди и Park Assist систем за далечинско паркирање.

Цените на овие две верзии на Touareg во Германија изнесуваат 72.378 односно 84.660 евра.

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.