EV

Французите ги намалуваат субвенциите

Објавено на

После само два месеца, но и субвенционирани 200.000 возила, Франција реши да ја ревидира програмата за стимулирање на замената на стари нееколошки возила.

Според соопштението од владата, новата програма која ќе стартува за неколку дена ќе биде слична на една од претходните.

Старосната граница за замена на возилата ќе остане иста – дизелите треба да бидат регистрирани пред 2011 а бензинците пред 2006 година.

За носење на вакви возила на отпад нивните сопственици досега добиваа по 3.000 евра ако набавуваа нов или користен автомобил со конвенционален мотор, односно по 5.000 евра за електричен или плаг-ин хибриден со автономија од најмалку 50 km.

Новата програма предвидува стимулации во висина од 1.500 или 3.000 евра во зависност од висината на примањата на купувачот за набавка на бензински и дизел автомобил со емисија на CO₂ помала од 137 грама на километар.

Купувачите пак на електричен или плаг-ин хибриден автомобил ќе можат да сметаат на 2.500 или 5.000 евра.

Досегашните стимулации од 2.000 евра за купување нов плаг-ин хибриден и 7.000 евра за електричен автомобил (без старото возило да се однесе на отпад) ќе важат до крајот на годината.

Овие програми се дел од пакетот за помош на автомобилската индустрија тежок 8 милијарди евра.

Француската влада вели дека во изминатите пет години со помош на стимулации 800.000 стари возила се однесени на отпад. Според националната автомобилска асоцијација 18 проценти од возилата во јуни беа продадени со субвенции.

Со тоа, Франција успеа да го запре опаѓањето на продажбата на нови возила кое во март изнесуваше 72 отсто, во април 89 а во мај 57 отсто во однос на соодветните месеци лани.

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.