Во светот

Спектакуларен новитет на Hyundai (видео)

Објавено на

Погледнете ја премиерата на радикално новиот Hyundai Tucson.

Може многу што да се каже за новиот Tucson на Hyundai, но секогаш прв збор што паѓа на ум е дека е радикален, во секој поглед.

Најмногу заради дизајнот, кој е таков каков што не се очекуваше. Посебно необичен однапред, Tucson сега го красат маска и дневни светла споени во една целина.

Тоа значи дека кога автомобилот е паркиран тешко може да се забележи каде маската завршува, а каде започнуваат светлата. Кога моторот работи сé е малку појасно, но сепак сé уште невообичаено.

За разграничувањето помагаат главните светла кои се сместени одвоено, под маската. Малку поблаго, но сепак доволно различно од сегашните трендови е решен задниот дел на кој исто така се среќаваат карактеристични светла.

Дизајнот на внатрешноста е исто така потполно поинаков од она на што досега имаме навикнато од Hyundai. Инструментите пред возачот се дигитални, а централниот екран вешто е интегриран над конзолата.

Под него се командите на новиот трозонски клима-уред, а со автоматскиот менувач кај верзиите што го имаат се ракува со копчиња.

Новост се и амбиенталното осветлување и модерниот инфо-забавен систем чија практичност е дополнета со апликација за мобилен со помош на која може да се проверуваат состојбата на возилото и да се управува со некои негови функции.

Тука се и низата нови системи за помош во возењето, меѓу кои е и детекцијата за возила во мртвите агли која освен што предупредува, може и да закочи кога постои опасност од судар.  Хибридната верзија пак, може да  има и систем за далечинско паркирање.

Кога сме кај тоа, да кажеме дека моторизацијата на новиот SUV на Hyundai е сеопфатна – дизели, бензинци и хибриди во сите три изведби: обични, благи и плаг-ин. Фали уште чисто електрична верзија, која засега не е предвидена.

Основни ќе бидат класичните мотори – 1,6 литарскиот турбо бензинец со 150 KS и исто толкавиот дизел со 115 KS, кои се и единствени без некаква електрична помош. Благи хибриди ќе има три, направени на нивна основа – бензинци со 150 и 180 KS и дизел со136 KS.

Класичните хибриди ќе ги претставува верзијата со 1,6 литарски агрегат и 230 KS, а врв на понудата ќе биде плаг-ин хибридот чија силина засега не се знае. Скоро сите погонски варијанти е можно да се комбинираат со погон на четирите тркала, а повеќето од нив и со автоматски менувачи.

Како и претходникот, новиот Tucson ќе се произведува во Чешка. Повеќето верзии во продажните салони ќе пристигнат до крајот на годинава, но за плаг-ин изведбата ќе се чека малку повеќе. Цените сé уште не се знаат.

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.