EV
Се разгорува битката за 25 илјади евра
Голем интерес на глобалните играчи за производство на EV кој нема да ја помине границата од 25 илјади евра.
Во игран се големи влогови, па разбирливо е лактањето за подобра позиција.
Сé започна со Tesla која со моделот Model 3 напрви ценовен упад во тогашната (пре)скапа конкуренција.
Иако најавите говореа за „демос“ цена од 35К долари, првите сериски примероци беа за дебел процент поскапи. Сепак тоа значеше старт на трката за попристапни цени.
Борбата до сега се одвиваше во високата ценовна категорија каде што приоритет имаа технолошките достигнувања. Производителите си ги мереа технолошките мускули, но продажните бројки се прават со попристапни цени.
Најавата на Volkswagen (ID.2) дека проектира возило во класата од 25 илјади евра, поприлично ги возбуди духовите.
За тие пари многу стартап компании веќе настапуваа со свои адути (во принцип мали двоседи со скромна автономија), но самата најава на VW, добар дел од нив стави под клуч.
Очигледно оваа игра е резервирана за гигантите: Tesla како највлијателен (позицијата на најголем, сериозно му е загрозена од BYD) производител на EV, веднаш одговори со најава за Model 2 кој не би требало да ја надмине поставената ценовна граница.
Додека останатите излетуваа со планови, Stellantis групата претстави сериски продукт – Citroën e-C3, кој во Европа се продава со почетна цена од 23К евра.
Четири метарското возило е интересно од аспект што лесно може да се претпостави дека со идентична технологија ќе биде следен од модели на Fiat, Peugeot и Opel.
Новата електрична Panda веројатно ќе се произведува во Крагуевац. Плановите може да ги одложат лошите оценки на e-C3 добиени на креш тестовите.
Ако некој си помисли дека игранкава со цениве кинезите ќе ја гледаат од страна, веројатно не е доволно упатен во состојбите.
Конкретниот одоговор е прилично обесхрабрувачки за конкуренцијата, поготово за европејците.
BYD Seal Honor Edition е подготвен (имаат кинезите уште такви) веднаш да им бркне во џеб на купувачите кои се подготвени да одвојат максимално до 25 илјадарки за возило на струја.
И тоа со модел кој повеќе припаѓа во класата на Model 3 отколку на погоре споменатите конкуренти. Само за автономијата: Seal Honor Edition може да добаци до цели 700 килмоетри – двојно повеќе од другите.
Ние, како корисници, можеме само да се радуваме на прстојните ценовни битки. Простор секако дека постои, ама со кинезите тешко ќе се излегува на крај – едноставно, технолошки тие отидоа предалеку.