Видео

Салонот во Пекинг сепак ќе се одржи (видео)

Објавено на

Како единствен „преживеан” од позначајните салони на автомобили годинава, Beijing Auto Show ќе се одржи на крајот на септември.

Регуларниот датум за оваа во последнава деценија значајна автомобилска манифестација беше во април, но корона-инвазијата на светот го помести за септември.

Тогаш сите сметаа дека е преоптимистичко решението на организаторите тој воопшто да се одржи, посебно со оглед на тоа што не се работи за локална туку глобална авто-смотра на која треба да се истакнат сите големи играчи во светот на автомобилите.

Дури ни денес после половина година перспективите не се сменети – додека странците не смеат или не сакаат да патуваат било каде, посебно не на масовни собири некаде во „жижата на пандемијата”, Кинезите остануваат упорни.

Тие и покрај сé ќе го одржат салонот на автомобилите во Пекинг, без разлика кој ќе им дојде – за нив влијанието што овој настан ќе го има е поголемо од здравствените закани.

Дека сепак не се докрај непромислени сведочат и предвидените заштитни мерки, вклучувајќи го и задолжителниот двонеделен карантин за луѓето кои во Пекинг и сите други поголеми градови во Кина доаѓаат од странство.

Плус на тоа, проблеми ќе се јават и со тешкотиите за добивање на виза за влез во земјата и ограничениот број достапни меѓународни летови.

Заради тоа глобалните производители пристапија кон инстант-стратегија според која нема изворно да присуствуваат, туку ќе бидат претставени со своите кинески партнери.

Така се знае дека публиката во Пекинг, колку и да ја има, ќе ги види новитетите на Volkswagen, General Motors, Toyota, Honda, Nissan, Ford и PSA, а иако до овој момент не е познато дали ним ќе им се придружат и луксузните германски брендови, нивното присуство нема да биде изненадување.

Официјално резервирани засега се марките како Hyundai и Mazda, кои претходно изјавија дека сé уште ги финализираат плановите и остануваат неопределени.

Во овој контекст на одлуката на кинеско-шведската компанија во подем Polestar да учествува со присуство на највисоките раководни кадри треба да се гледа како на нешто сосема логично.

Всушност Polestar е единствениот кој официјално потврди дека ќе учествува, за разлика од Volvo кој се одлучи таму да ги испрати само своите кинески, но не и шведските менаџери.

Во сета оваа каша-попара се наметнува прашањето што производителите на автомобили, тие кои ќе настапат секако, ќе претстават таму.

Факт е дека ќе има значително помал број премиери, меѓу кои во претходните години доминираа не домашните, туку моделите намети за глобален пласман – тоа сега сигурно нема да биде случај.

За да го дознаеме тоа ќе треба да почекаме уште десетина дена – до 26 септември кога салонот на автомобилите во Пекинг треба да ги отвори своите врати, првите два дена за новинарите по кои ќе следат три дена за бизнис посетителите и после тоа, од 1 до 5 октомври, за обичните посетители.

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.