Анализи
Продажбата на нови возила во пораст, користените помалку интересни
Според Царинската управа, во однос на 2021 година, бројот на увезени нови патнички автомобили лани бележи пораст од 52% со истовремен пад на користените од 48%.
Причините за големите преструктуирања на пазарот се многупати до сега елаборирани.
Воглавно се говори за недостаток на компоненти за прво вградување, а во сенка на пандемиските последици падна можеби и главната причина – технолошката револуција.
Актуелните европски и светски случувања како да не се однесуваат на нашиот пазар. Сé што минатата година беше увезено, се продаде.
И тоа при хроничен недостаток на возила. Само во последниот квартал од 2022 некако успеа да се помири гладта за нови возила и понудата.
Пред да ги споредиме бројките, да истакнеме дека податоците се преземени од службената страна на Царинската управа. Тоа се бројки на увезени патнички автомобили, што не значи дека истите се и продадени.
А од искуство знаеме дека домашните компании кои се бават со продажба на нови автомобили често знаат да направат и реекспорт на увезените возила, а за таа бројка податоци едноствано немаме.
Едноставно некои од нив сеуште чекаат на својот нов сопственик паркирани на многубројните продажни плацеви.
Овие појави не се никаква новина, па затоа и можеме да се повикаме на единствениот релевантен извор на податоци, односно на Царинската управа.
Се разбира дека постојат и попрецизни методи за утврдување на продажните бројки, но тоа е некоја друга (сосема необјаснива) тема!
Увозот на новите возила во силен налет
Минатата година се увезени вкупно 35.458 патнички автомобили од кои 8.790 се нови, а бројот на користени е застанат на цифрата од 23.381 автомобили.
Во однос на 2021 година, кога беа вкупно импортирани 44.712 возила тоа значи намалување од поприлчни 26%.
Интересно е притоа што бројот на новите автомобили е зголемен за 52%, додека користените автомобили бележат пад од 48%.
Од бројките може да се извлечат одредени заклучоци, како што е на пример тој дека интересот за нови автомобили е золемен за половина, а за отприлика истиот износ е намалено купувањето на користени автомобили.
Во најмала рака тоа е некој чуден феномен, а пред се спротивен на европските трендови. Но, говориме за нашиот пазар кој уште еднаш се покажува во поинакво светло од очекувањата.