EV
Пристигнува сосема новиот Nissan Qashqai [видео]
Откако официјално заради пандемијата беше одложено, Nissan сега со полна пареа работи на финалните подготовки за лансирањето на новиот Qashqai.
Компактниот кросовер кој го измени изгледот на европскиот пазар и ги натера конкурентите да го копираат неговиот успех е на чекор пред својот трет маратонски настап во трката за купувачите.
Прототипите на новата генерација на Qashqai ги поминуваат последните тест-километри пред сериската верзија да истрча на стартната линија.
Датумот сé уште не е официјализиран, но тоа ќе биде некаде во првите месеци од идната 2021-година.
Nissan претходно го одложи неговото лансирање кое требаше да се случи летово, официјално заради здравствената состојба на општеството.
Неофицијално се зборуваше дека всушност се преиспитуваат плановите дали британската фабрика и понатаму ќе го произведува или пак ќе биде затворена.
Тоа сега веќе е зад нас и новиот Qashqai наскоро ќе биде целосно подготвен да одговори на очекувањата на купувачите на оваа класа возила.
Тука пред сé се истакнува e-Power хибридниот погонски систем кај кој бензинскиот мотор не е механички поврзан со тркалата, туку само произведува струја за електромоторот.
Деталите за него и за останатите погонски опции меѓу кои сигурно нема дизели, ќе ги дознаеме кога ќе биде претставен.
Досегашната генерација на Qashqai е претставена на европскиот пазар во 2014 година и продадена во повеќе од милион примероци.