Во светот
По Volkswagen падна и Fiat
Американските регулатори се бескомпромисни кога станува збор за лажирањата на автопроизводителите во однос на загадувањето на животната средина.
Можеби во помал обем, но се чини дека иста судбина го очекува и FCA (Fiat Chrysler Automobiles) поточно возилата продадени под беџот на Fiat.
Аферата е отворена уште минатата година кога агенцијата за заштита на животната средина (EPA) најави тужба лажирање на податоците за емисија на штетни гасови кои ги декларирала италијанско-американската компанија.
Деновиве Bloomberg дојде до копија на предлог на кој обвинителите му нудат на адвокатскиот тим на компанијата договорно да исплатат одредена сума за обештетување.
При лажирањето, целата „мудрост“ на инженерите е сведена на времето на тестирање на моделите (20 минути) и бришење на податоците за најголемиот дел од тестирањето. Едноставна „финта“ која функционирала и во дизелите наменети за европскиот пазар.
Првиот човек на групацијата Серџо Маркионе сега се соочува со парична казна која ќе се движи помеѓу 400 милиони и една милијарда долари. Во обвинението стои дека измамничкиот софтвер е вграден во 104 илјади возила, врз кои потоа ќе биде наложено технички да се интервенира.
Како за потсетување аферата Dieselgate со која беше погоден Volkswagen, германците досега ги чинеше околу 30 милијарди долари.
Веднаш по објавувањето на копијата пратена до адвокатскиот тим на FCA (истите адвокати го бранеа и VW) берзата во Њујорк реагираше со намалување на вредноста на акциите за 7.5%.
Сите факти говорат дека Маркионе ќе мора да ја прифати договорната сума за обештетување и притоа да се надева дека во Европа ќе се прават слепи и глуви дека нешто слично се случило.