Актуелен Миг
Потребна ни е националната стратегија за употреба на електричните возила
Светот забрзано се електрифицира, дали сме ние подготвени да го пратиме тој тренд?
Rеволуциoнерната промена на погонските енергенси се одвива со побрзо темпо отколку се очекуваше.
Процесот е во поодмината фаза, а земајќи ги предвид огромните инвестиции, резулататите се видливи и со голо око.
Како и секоја револуција исто така и префрлувањето на електричен погон консументите го прифаќаат со одредени осцилации, но дилема околу генералната определба веќе никој нема.
Американските производители, под технолошко лидерство на Tesla, се на добар пат да го вратат сјајот на индустријата.
Долго подготвуваниот кинески напад на светските пазари резултира со најголеми извозни бројки, јапонците и корејците се одамна подготвени за адекватен одговор, а се стекнува впечаток дека Европа тешко се снаоѓа.
Причините за инертноста на големите европски производители, тука пред се мислиме на германските, француските и италијанските, се комплексни.
На време беа предупредени
На салонот во Франкфурт 2011 година, тогашната Канцеларка, Ангела Меркел ги предупреди домашните производители дека премалку вложуваат во новите, чисти технологии. Никој тогаш не ја послуша – дизелите сеуште носеа одлични профити.
Последиците од таа успаност силно ги отрезнија. Минатата, 2023 година, ќе биде запаметена по нивните големи инвестици кои и покрај зголемната продажба, ги исцрпија ивеститерските капацитети. Технолошкото заостанување сега тешко се надоместува.
Укинувањето на субвенциите при купување на електрични возила, како и купувањето (пред сé кинеско) знаење, делуваат како бледо шминкање на последиците.
Освен долгорочно и мудро испланираниот кинески настап, тенденцијата на светските инвеститори за вложувања во инфраструктура за полнење на возилата и во развојот на батерии, додатно дуваат во едрата на развојот на кинеската автоиндустрија.
И ние сме дел од Европскиот континент?
Во груби црти тоа е актуелниот момент на светскиот пазар. Непобитна вистина е дека (производниот дел на) Европа е во автомобилско-технолошка депресија.
По некој случај и ние сме дел од Европа, па убаво би било навремено да се подготвиме за престојните промени. Притоа олеснителна околност ни е отсуството на сопствено производство на возила.
Дали можеби е премногу ако очекуваме изготвување на национална стратегија за употреба на електричните возила?
Поготово ако се знае дека и во други животно важни области сеуште функционираме без јасно одредена стратегија за развој.
Ако овој краток напис претставува некоја почетна иницијатива за одредување на домашните приоритети кои ќе бидат во склад со реалните можности, ете токму тоа би го сметале за наш конкретен придонес за иницирање на носењето на национална стратегија.
Без амбиција во овој момент да даваме сугестии за евентуални решенија, сакаме да укажеме на неопходноста од сериозен пристап кон планирањето на развојот на EV-автомобилите и еколошкиот сообраќај воопшто.
Во спротивно ќе се доведеме во ситуација да носиме ад хок решенија и да санираме последици.
Добро, и тоа однесување го имаме апсолвирано, ама нели е време еднаш да се одважиме и да ги предвидиме состојбите. Токму како што и приличи на едно цивилизирано општество.