Актуелен Миг
Од ноќеска на полноќ: Бензинот поскап, дизелот поевтин – причина акцизата
Согласно движењата на цените на дериватите на светските берзи, регулаторната комисија за енергетика соодветно ги прилагоди цените на горивата кај нас.
Во соопштението за нивната одлука се вели дека изминатава недела референтната цена на бензинот во споредба со претходниот седумдневен период забележа намалување за 3,404%, а на дизелот за 2,411%.
Истовремено, курсот на доларот во однос на денарот се намали за 1,859%.
Со оглед на влијанието на овие параметри на структурата на цените, согласно правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт е извршено соодветно прилагодување.
Така од ноќеска на полноќ малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и БС-98 се зголемуваат за 0,50 денари за литар и ќе изнесуваат 60 односно 62 денари. Малопродажната цена на дизелот пак се намалува за истата сума и тој ќе чини 52,50 денари за литар.
Причина за ваквата плус-минус разлика е промената на акцизата, која согласно одлуката на владата донесена како антикризна мерка зависи од цената на горивата на берзите и по двонеделниот период кога беше намалена за еден денар, таа сега за бензинот се врати на истото ниво како и порано.