Во светот
Ова е најатрактивната Škoda досега! (Видео)
Беше прашање на време кога Škoda ќе го искористи името Slavia за некој свој модел.
За жал, таа ќе остане само тоа што е – демонстрација на способностите на практикантите од студентската програма на Škoda.
А тие годинава навистина покажаа голема умешност – овој спајдер магнетно привлекува со својот изглед.
Инспирацијата е пронајдена во спортскиот двосед 1100 OHC од 1957 година, а механичката основа во модерната Scala.
Затоа и Slavia однапред е скоро идентична со неа, но сé зад првиот столб е сосема поинакво.
Во духот на идејниот претходник има две седишта и еден пар врати, а посебно интересно е решен задниот дел.
Внатрешноста е разиграна со виртуелен кокпит, Sparco седишта, кожни пресвлеки и амбиентално осветлување, а во согласност со младешкиот настап е и аудио-системот со сабвуфер од дури 2.250 W.
Мало изненадување е електричниот тротинет во багажникот, а под праговите е сокриено LED лајт-шоу во боите на чешкото знаме.
Во изработката на овој уникатен автомобил учествуваа 31 студент од академијата на Škoda.