EV
Нов пакет електрични субвенции во Хрватска
Додека кај нас ги најавија па исфрлија од законот, Хрватска на своите граѓани и компании од 2013 година редовно им дели субвенции за електричните возила.
Граѓаните и фирмите ќе добијат по 2.9 милиони евра, но под различни услови, а дополнителни 1.3 милиони евра се наменети за полначи за електричните возила.
Предвидено е граѓаните да бидат субвенционирани со 40 отсто од вредноста на возилото – ако тоа е скутер, мотоцикл или квадрицикл со максимално 2.650 евра.
За плаг-ин хибриди двојно повеќе, а за електрични и автомобили на водород со солидни 9.300 евра. Електричните велосипеди нема да се субвенционираат бидејќи нив лани многумина ги препродале веднаш по купувањето.
Еден од условите е набавените возила да мора да останат најмалку две години во сопственост на тој што добил субвенции за нив, но тоа кај велосипедите не е можно да се контролира бидејќи не се регистрираат.
Така хрватските компании ќе можат да сметаат на дури 53.000 евра помош за камиони и автобуси на електричен, плаг-ин хибриден, водороден или погон на природен гас.
Комби возилата ќе се субвенционираат максимално со 9.300 евра ако се електрични, на водород или природен гас, а плаг-ин хибридните со 5.300 евра.
За купување електрични велосипеди, но само меѓу 5 и 15 парчиња, хрватските фирми може да сметаат на по 660 евра субвенции.
Физичките лица ќе можат да добијат субвенции за само едно возило а компаниите за повеќе, но со максимален износ до 53 илјади евра. Субвенциите се доделуваат според принципот прв дојден-прв услужен.
Износот на субвенциите претходните години беше нешто поголем, но вкупната сума што се доделуваше беше помала заради што се разграбуваа за неколку часа.