Во светот
Новиот Toyota Land Cruiser и официјално
После бројните најави и кришум сликани фотографии, Toyota и официјално го покажа новиот Land Cruiser.
И време беше – големиот теренец на Toyota во досегашната генерација од серијата J200 издржа цели 14 години на пазарот – беше претставен уште во 2007 година.
Иако ги задржа истите габарити (долг е 5 метри, широк 2 и безмалку висок исто толку, а има меѓуоскино растојание од 2,85 метри), нуди нешто повеќе место за патниците во вториот и третиот ред.
Дизајнот му е помодерен и понадмен, внатрешноста порафинирана а списокот опрема значително подолг, посебно со безбедносни и системи за помош на возачот.
Во гамата мотори ги нема веќе V8 мастодоните – тие се заменети со поеколошките V6 агрегати – 3,5 литарскиот бензинец со 415 KS и 3,3 литарскиот дизел со 309 KS, спарени со нов 10-степен автоматски менувач.
Погонот, нормално, е на сите четири тркала, а најавени се и хибридна и, нема да верувате, спортска GR верзија.
Новиот Land Cruiser од летово ќе продолжи да ги калеми бројките за продажба на овој легендарен теренец.
Тој за изминативе 70 години колку што постои стигна до 10,4 милиони купувачи низ целиот свет.