Актуелен Миг
Место субвенции, поскапа струја за електричните возила
Ако веќе нема субвенции, би било добро барем струјата за полнење на електричните возила да биде исклучена од скалестата тарифа.
Хидропотенцијалот во вкупното производство учествува со cca 20%, додека главен извор сé уште остануваат термоцентралите на јаглен.
Течни горива и гас, за жал, немаме воопшто.
Нема да кажеме ништо ново ако заклучиме дека речиси целокупните потреби на државата за енергенси доаѓаат од увоз.
Скалесто покачување
Со последните предлози на Регулаторната комисија за енергетика се предлага скалесто покачување на цената на електричната енергија во зависност од ангажираната моќност.
Накратко: тие домаќинства кои трошат помалку енергија да плаќаат пониски цени по потрошени киловат-часови (kWh). Домаќинствата кои трошат повеќе (се напоменува дека станува збор за далеку помал процент на потрошувачи) да плаќаат поскапа струја.
Сите факти наведуваат на заклучокот дека при дизајнирање на новите мерки силно е водено сметка за социјалната компонента. Таа грижа за своите граѓани заслужува аплаузи.
Во исто време, светот живее во технолошка транзиција при што електрификацијата на автомобилската индустрија е поставена како императив.
Во тој дел ние сме во длабок проблем. Недостасуваат низа законски решенија со кои би се отворил патот за пробив на електричните возила на домашниот пазар. Сé уште немаме ниту одредби кои ќе овозможуваат и регулираат дистрибуција и малопродажба на електричната енергија.
Страничен ефект на отсуството на регулативата, секако е можноста за полнење на електричните возила. Да, тие сега се во незначителен број, но сакале ние или не, нив од ден на ден ќе ги има сé повеќе. На оваа точка во иднина ќе се судираат предложените мерки од РКЕ и можноста за електрификација на македонскиот возен парк.
Стигнуваме до проблемот: ако едно семејство го полни своето електрично возило на домашен полнач, во иднина ќе треба да плаќа по драстично повисока цена.
Со вака поставена структура сé повеќе ќе се оддалечуваме од светските текови за електрификација на транспортот. Со тоа почистиот воздух и сочувувањето на природната средина, барем што се однесува до автомобилите, ќе бидат потиснати на маргините.
Струјата е скапа
Јасно, електричната енергија е сé поскапа, но да потсетиме уште еднаш, ние немаме ниту нафта ниту пак гас. И нив ги увезуваме, а и тие, за жал, на светските пазари постигнуваат рекордно високи цени.
Оправдувањето дека тој што има за набавка на електрично возило, ќе може да си дозволи и поскапа електрична енергија воопшто не држи, затоа што цената на градските електрични возила започнува веќе од 5 илјади евра. За сума (без субвенции) од околу 10К евра на светскиот пазар за нудат EV со многу пристојни перформанси.
Според наше мислење треба да се преземат технички мерки за одвојување на потрошувачката за полнење на батериите и луксузирањето (греењето на големи површини, „копањето“ криптовалути, и т.н.) во трошење на електричната енергија.
Накратко, не би смееле да си дозволиме понатамошно заостанување во електрификацијата на транспортот. За отсуството на било какви стимулативни мерки од државата при набавката на EV, во некоја друга прилика.
Гледано од технички аспект, полнењето на EV во домаќинствата може едноставно да биде решено со контролни струјомери.
Факти:
Едно македонско домаќинство со три члена, во просек месечно троши околу 350, а со четири члена околу 500 киловат-часови (kWh) електрична енергија.
Ако ја земеме предвид помалата бројка и претпоставиме дека со автомобилот месечно се поминуваат 1.000 km, тогаш за полнење на неговите батерии би биле потрошени најмалку 150 kWh, не сметајќи ги загубите заради загревањето на батериите и полначот.
Тоа е скоро половина од месечната потрошувачка на струја за тричлено семејство.
текст: Агрон Сулејман