Актуелен Миг

Колку возила годишно се продаваат кај нас?

Објавено на

 

Во државата нема службени податоци за бројот на продадени нови и користени возила на годишно ниво.

Веднаш да истакнеме: спаѓаме во многу мала група на држави кои јавно не објавуваат колкав е бројот на продадени возила.

И не само тоа, службени податоци за продажба нема ниту за бројот на увезени користени возила.

Тоа што е достапно се бројките кои се објавуваат на службениот сајт на Заводот за статистика кои се повикуваат на Царинската управа.

Проблемот со овие бројки е што се бележат возилата кои се увезени во државата, но не и бројот на реекспортирани возила. А тој воопшто не е мал. Бројот на новорегистрирани автомобили останува некаде по службените фиоки.

Имаме импортери на возила (Peugeot, Citroen, Opel) кои оперираат на регионално ниво. Освен домашниот, тие ги покриваат и пазарите на Србија, Црна Гора, Косово и Албанија, а тие возила формално се водат како домашен увоз.

Настрана фактот што добар дел од наши увозници го покриваат и Косовскиот пазар, а згора на тоа никој не одбива реекспорт и на други пазари. Кога говориме за новите возила, наведените примери во голема мера може да ги релативизираат бројките кои се објавуваат од страна на Заводот за статистика.

Бројот на увезени користени возила може да се земе како релативно попрецизен затоа што споменатите активности со реекспортот се повеќе од симболични. Велиме релативно затоа што увезените возила не секогаш се продаваат веднаш, па дел од нив ги пополнуваат бројните плацеви и салони распоредени низ целата држава.

Ако некој веќе така одлучил, зошто би имале толку забелешки на отсуството на службените бројки, кои патем речено се од јавен интерес. Одоговорот звучи поразувачки: затоа што бројни странски агенции објавуваат бројки за продажбата во Македонија.

Сосема легитимно звучи прашањето, од каде ги добиваат тие податоци?! Без навлегување во шпекулативни води, тоа бездруго го прави некој од тука. Ако е така, а многу наликува токму на тоа –  воопшто не е во ред. Ама ич!

Најпрвин, отсуството на службени податоци го оневозможува планирањето на субјектите кои се бават со продажба. Потоа, врз база на кои податоци се проектира државниот буџет ако нема прецизна проекција на увозот на автомобили, односно на одливот на девизни средства со кои се покрива тој увоз.

Да не ги набројуваме понатаму сите импликации поврзани со сообраќајот кои се однесуваат на инфраструктурата. Планирањето на сообраќајници, гаражни места, јавен сообраќај,… а не помалку важно, и со прашањата поврзани со екологијата, загадувањето.

Уште мал милион активности поврзани со бројот на (не)регистрирани возила, нивната старост, структура по класи, вид на гориво, распореденост по региони, итн, итн. А сите овие податоци немат службена верификација.

Во ера на општа дигитализација просто е несфатливо да се немаат овие податоци. А при секоја регистрација се евидентираат возилата, од сопственост па се до број на шасија и мотор. Освен во МВР, истите тие податоци ги имаат и осигурителните компании.

Или некој покомотно ќе се чувстува, како и досега, да се преќутат тие податоци, па макар се наредиле во друштво со еден Габон или Екваторијална Гвинеја.

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.