Наше мислење

Какви возила ќе увезуваме идната година?

Објавено на

 

Во моментов при увоз на користени возила сеуште на важност е Euro 4 нормата за издувни гасови.

Деновиве сведочиме за активности на одередени невладини организации кои одат во правец на технички рестрикции при увоз на користени возила.

Добро е тоа кога некој ќе крене глас против загадувањето во урбаните центри на републикава. Но,…. но.

Но, тој артикулиран и јавно кренат глас треба некој и да го слушне. Тој некој секако се властите, локални и државни. Ако судиме по досегашните искуства, реакцијата ќе биде ви смисла, добро, ве слушнавне, знаеме, ќе превземе мерки, ќе,…

Кој нé труе?

При секое надоаѓање на поладните денови, низа години наназад, се соочуваме со проблемот кој нé засега сите нас. Воздухот станува погуст и преполн со отровни материи.

Никој не е „вакциниран“ против отровните честички во воздухот, а според нивната концентрација се наоѓаме на самиот светски врв на најзагадени градови (Скопје).

Загрозеното здравје на народот јасно се рефлектира низ црните биланси на разболени и починати. Испитувањата велат дека екстремно загадениот воздух е причинител за смртта на една десетина од починатите.

Бројките отчитани од мерните станици само го потврдуваат штипењето кое го чуствуваат нашите дишни патишта. Дишеме коктели од отровни материи. Ете, тоа е средината во која живееме.

Но, како никој да не сака да одговори на прашањето: кој и колку не труе? Пред неколку години германски институт утврди дека во труењето на  воздухот возилата учествуваат со над 20%.

Склони сме да веруваме дека од година во година тој процент прогресира, но сепак тоа е само претпоставка, па да се задржиме на утврдените бројки.

Вистинскиот одговор, на прашањето, кој учествува со останатите 80% никој не може, или не сака, да го даде. Ужасно е чуството на немоќ при соочување со вака сериозен проблем.

Без намера да шпекулираме, сепак можеме да си дозволиме претпоставка дека некој од горењето на отпад, дебело профитира.

Загадувањето од возилата

Овој податок барем колку-толку го знаеме. А ги знаеме и причините. Со исклучок на 2020 г. (поради пандемијата) во земјава годишно се увезуваат по околу 30 илјади користени возила.

Проблемот при тој увоз е што возилата се увезуваат без примена на било какви технички стандарди. Според прописисте, важечки е Euro 4 стандардот кој е воведен во 2005 година. Тоа значи дека според нашите закони, понолетни возила кои веќе навлегле во третата деценија од денот на производството, слободно и без пречки може (и во иднина сеуште ќе можат) да се увезуваат.

Убаво е тоа за моторизација на нацијата, но лошо, ужасно лошо по општото здравје. Тоа властите – сегашните, исто како и минатите, и како тие пред нив – многу добро го знаат, исто колку што се свесни дека секоја рестрикција во тој правец значи директно губење на добар дел од гласачко тело.

Владеачкиот резон е просто запрепастувачи, а би можеле да го протумачиме како: подобро колективно труење отколку губење на рејтинг кај гласачите.

Како е кај соседите

Во секоја споредба со важечката легислатива кај соседите (кои не се во ЕУ) испаѓаме драматично извалкани. Кај сите нив е дозволен увоз на користени возила со максимална старост до 10 години. Како репери се зимаат денот на производство и денот на увоз. Толку.

Останатите мерки со кои би се делувало во правец на обновување на 20-годишната просечна старост на возниот парк, потоа на електрификација, на ефикасен градски превоз, на подновување со еколошки возила на такси компаниите,… се многу далеку од свеста на политичките партии кои со децении владеат со државата.

Тие имаат некои други приоритети, а кон отровниот воздух се однесуваат како „да не се од овде“. И да, секако ќе ја подржиме секоја покрената акција за сочувување на нашата преубава природа.

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.