EV
Женева се враќа…
Но без публика, туку само како тридневна манифестација за новинарите
После финансискиот колапс на организаторот на салонот на автомобилите во Женева кој пред некое време изјави дека нема да може да ја организира манифестацијата и идната 2021 година, конечно добри вести.
Имено, се дознава дека на производителите на автомобили им се нуди сеопфатен пакет што ќе ги оправда трошоците за нивното присуство и штандовите, кој опфаќа тридневна манифестација.
Основниот пакет чини 150.000 швајцарски франци и комбинира физички и дигитални елементи, изложување на еден автомобил и покана за 10 претставници на медиумите.
Цената на топ-пакетот е 750.000 франци за четири автомобили и 100 гости.
Не е потврдено дали било кој од производителите имаат прифатено ваков предлог, но извесно е дека ова и за нив е добро компромисно решение, исто како и за организаторите.
А нивната математика вели дека откажувањето во последен момент на годинешниот салон ги чинеше околу 11 милиони франци. Штетата од тоа се обиде да ја покрие кантонот Женева со заем чии услови не беа прифатливи за организаторите.
Место тоа, тие им ги понудија правата за организирање на салонот на женевското сајмиште Palexpo, но предлогот беше одбиен заради, како што беше оценето, огромната сума.
Тоа, како и резултатите од анкетирањето на изложувачите за нивната (не)заинтересираност за присуство на манифестацијата во 2021 година, беа причините таа да се откаже и да се премине директно на создавање услови и подготовка за нејзино одржување во 2022 година.
Сегашниот предлог го менува редоследот на нештата и останува да се види дали ќе го прифатат доволен број производители за да се реализира. Искрено се надеваме на тоа.