EV
Европските фабрики се отвораат, но …
Патот на пост-пандемското заздравување на европската автомобилска индустрија ќе биде мачен и долг – ќе трае до 2022 година
Поинаку и не може – заради строгите епидемиолошки мерки се воведуваат нови протоколи за работа, што бара темелност во организираноста.
Ниту добавувачите не може да ги гарантираат испораките, заради тоа што и тие ги имаат истите проблеми.
На ова треба да се додадат и намалената побарувачка и наталожените залихи од порано произведени, а непродадени возила. Надеж сепак постои бидејќи неактивноста на погоните под блокадата на коронавирусот траеше помалку отколку што се очекуваше.
Но прогнозите и понатаму не се оптимистички – тие велат дека e разумно да се претпостави дека ќе проработат околу 90 проценти од погоните, со во просек 50 проценти капацитет.
Погоните на најголемиот европски производител, групацијата VW, работат сите до еден но со капацитет од 60% до 90%.
Работат и сите фабрики на Renault, вклучително и оние во Мароко и Романија, но некои место поранешните три, сега само во две, па дури и во една смена.
Volvo пак вели дека производството во својата фабрика во Белгија е вратено на претходното ниво. Просечното време кога фабриките не работеа траеше околу 30 работни дена – најдолго во Италија и Велика Британија (41 ден), а најкратко во Шведска, само 15.
Асоцијацијата на автомобилските производители во Европа ACEA претходно процени дека годинава ќе бидат произведени најмалку 2,5 милиони помалку моторни возила – автомобили, автобуси и камиони. Се очекува ланското ниво на производство да се поврати во 2022 година.