Актуелен Миг
Еволуција на Ceed семејството
Составено од четири каросериски изведби, кај нас понуден со четири моторни опции и два менувачи, како и со три различно конципирани пакети на опрема, Kia ја продолжува успешната европска сага.
Врската помеѓу корејскиот производител и европските купувачи се гради уште од 2006 година кога беше претставен Cee’d, првиот автомобил проектиран во Европа и наменет за европскиот пазар, и се рабира произведен на Стариот континент.
Сега семејството е составено од петвратниот хечбек Ceed, семејниот караван Ceed SW, имиџ претставникот Proceed и кросоверот Xceed. Мора да признаеме дека со вака конципираната понуда Kia е еден од ретките производители кој покажува длабока почит кон потребите на своите клинети.
Претставени пред три години, задржувајќи го досегашниот ритам „3+3“ години, на ред дојде естетско-технолошко осовременување на целото семејство.
Заедничко за сите каросериски изведби се махничката основа, моторите, менувачите, основната архитектура, додека различниот карактер на варијантите се определува според нивото на опремата и импресивните комбинации со седиштата, таблата со инструменти, големината на екранот на инфо системот и изборот на материјалите.
Ceed
>> Петвратниот хечбек сега се нуди со три заокружени пакети на опрема, Edition 2, GT Line и GT кои во голема мера го одредуваат карактерот на возилото. Иако малку е оставен простор за персонализација на возилото, сепак по порачка може секој купувач да интервенира и во тој дел.
Основниот Ceed сега се нуди со новиот 1,5 литарски турбо мотор кој ослободува поприличнo големи 160 КС.
За безмалку иста количина на потрошено гориво, посилниот мотор обезбедува далеку поголема динамика при посложените дестинации. Адекватно на тој стандард е конципирана и опремата.
Посебен акцент е ставен на безбедносниот дел кој го сочинуваат системите за заштита од фронтален судир, потоа системот за одржување во лента, автоматска регулација на кратки и долги светла, предупредување за замор на возачот, систем за контрола на притисок во пневматици.
Во стандардната постава присутни се и системите за стабилизација, комплетниот сет од воздушни перници, паркирни сензори со камера во задниот дел, и уште цела дузина на додатоци кои придонесуваат за комфорно и пријатно патување.
Стилизираната маска на ладилникот е естетска промена која најпрвин паѓа во очи, а за дополнување на впечатокот тука се 16-инчните пневматици поставени на бандажи од лесно легура, затемнетите задни стакла. Задните и предните дневни светла се изведени во LED технологија и исто така се дел од основниот пакет.
Почетната цена од 19.950 евра во моментов е неспоредлива со било кој конкурентски модел.
>> Кај повисокиот пакет на опрема кој ја носи ознаката GT Line, акцентот е ставен на спортскиот имиџ. Со кожа обложениот управувач во долниот дел е засечен, таблата со инструменти е дигитална, педалите се алуминиумски, седиштата со истакнат страничен профил а материјалот од кој се направени е поинаку изработен.
Разлика има и во системот за избегнување на фронатален судир кој овде користи посебен радаr за препознавање на пешаци, велосипедисти и животни. усовршен е и системот за детектирање на возило во мртов агол кој сега освен звучен сигнал има можност за избегнување на можниот контакт со интервенција на управувачот.
Однадвор GT Line ќе се препознава според поинаквата маска, комплетираниот сет од LED светла, украсните прагови како и по наново дизјанираните 17-инчни тркала.
>> На врвот од понудата е поставена GT верзијата која драматично се разликува според содржината. Ако сте лубител на спортските уживања тука е 1,6 литарскиот турбо бензинец кој ослободува 204 КС.
Сериозно димензионираните спортски капацитети ненаметливо се најавени со (повторно) поинаква маска и во црвено обоени дискретни детали. Варијанта која е наменета за автомобилсти кои преферираат големо-сериско возило со изразени спортски перформаси (Vmax=225 / a=7,4 sek.).
За неа во KMM ќе ви побараат 28.950 евра.
Ceed SW
Караванската изведба, според механиката и пакетот на опрема, е идентична како и влезниот хечбек со таа разлика што публиката за која е наменета има потреба од зголем багажен волумен.
Сепак за разлика од основниот модел SW верзијата може да се добие и со автоматски DCT7 менувач.
Еден од ретките каравани на нашиот пазар се истакнува со одлично организиран багажник кој со своите 625 литри (со соборување на задните седиште се зголемува на 1.694) ќе знае да ги задоволи транспортните потребите на широк круг корисници.
Доплатата за зголемената количина автомобилски простор изнесува само 800 евра.
Proceed
За имиџот на целото Ceed семејство се грижи Proceed GT кој е впечатлива комбинација на спортската изведеница и каросеријата со ексклузивен Shooting brake изглед. Како врв на понудата за Proceed е резервирано само најдоброто од одличното. Во секој поглед.
Цената на Proceed GT е поставена на 31.950 евра. Заинтересираните може да одберат само боја, друг избор нема, се што може да се посака е веќе вградено во него.
Xceed
Растечкиот интерес за кросовери на европскиот пазар, Kia го исполнува со оригиналниот Xceed. За 80 mm подолг и за 50 повисок од основниот Ceed, Xceed делува многу поробусно па дури и кокетира со вистинските SUV модели. Всушност тој е наменет за публиката на која одличниот Sportage им е преголем, а сепак саакаат да ги уживаат благодетите на робусноста.
Варијациите на тема, механика нашиот дистрибутер ги сведува на избор на менувач додека на избор на интересентите стојат два пакети на опрема. Во секој случај моторот е идентичен – 1,5-TGDi со 160 КС.
Стартната цена е поставена на 22.950 евра.
Интересно е да истакнеме дека овие пакети на опрема се „скроени“ директно од нашиот дистрибутер, KMM кој ја има комоцијата да креира понуда спрема потребите на домашните клиенти.
Притоа треба да забележиме дека компромис со безбедносната опрема воопшто не било тема на дискусија, а критериумите за нивото на опрема се поставени на извонредно високо ниво.
И можеби најважниот момент, целокупната понуда е на лагер, а за евентуални посебни барања рокот на испорака е максимални 30 дена.