Во светот
Во Америка лани продадени за околу 15% помалку возила
Бројките уште се собираат, но и оние кои ги има кажуваат дека Америка лани поминала релативно добро, со околу 15 отсто намалување на пазарот.
Американците како нација зависни од статистиката први излегоа со колку-толку релевантни податоци за продажбата на возила во својата земја.
Според бројките кои засега се на располагање, лани во САД се продадени 13.946.358 возила, што е за 14,7 отсто односно 2.403.396 возила помалку од претходната 2019 година.
Во пандемиски услови единствени кои влегоа во плус се само три марки – Volvo, Alfa Romeo и Mazda.
Затоа пак минусите се дебели и се движат меѓу 4,65 и 53,24 отсто, првиот кај Kia, а вториот кај Fiat.
Меѓу големите кои вообичаено продаваат околу милион возила годишно, најмногу настрада продажбата на Nissan, дури 31,78 отсто, односно за 390.211 возила помалку.
За да не звучиме докрај песимистички ќе кажеме и дека од вкупно собраните податоци за 30 марки, 18 од нив имаат намалување на продажбата помало од просекот.
Ќе споменеме уште и дека лани во САД најмногу возила има продадено Ford (1.929.195), пред Toyota (1.837.898), Chevrolet (1.730.033), Honda (1,199,805) и Nissan (837.762), кои заедно зафаќаат 54 отсто од пазарот.