Видео
Внимавајте на ваква сијаличка [со видео како работат DPF филтрите]
Пандемијата и нејзините придружни ефекти – работата од дома, изолацијата, самоизолацијата, карантинот и воопшто намаленото движење, негативно влијаат и на дизел моторите.
Филтрите за цврсти честички, познати уште и како DPF или FAP филтри, не се новост кај дизел моторите – се среќаваат уште од средината на 80-тите години од минатиот век.
Задача на овие филтри е да ги собираат цврстите честички (саѓите) од издувните гасови кои настануваат како последица на согорувањето на дизел горивото во моторот.
Кога ќе се наталожи доволно количество вакви честички, филтрите се програмирани да ги согорат и на тој начин се регенерираат, односно прочистуваат за натамошно работење.
Овој процес кој е автоматски и не се активира така често, се случува во возење на повисок број вртежи со поголема брзина.
Тогаш се пали ваква сијаличка која се разликува од возило до возило, во зависност од марката, односно производителот.
Возилото ќе работи без проблеми, но таа не треба да се игнорира и треба поскоро да се излезе на отворен пат, најдобро на автопат и да се вози барем 15-20 минути.
Ако и после тоа сијаличката продолжува да свети, без одложување посетете сервис каде со специјална процедура DPF филтерот ќе биде прочистен.
Бидете среќни ако поминете со стотина-двеста евра, бидејќи ако тој е неповратно оштетен, неговата замена е многукратно поскапа.
Дали возилото ќе работи со оштетен филтер за цврсти честички? Теоретски да, но електрониката тоа нема да го дозволи, а ако го дозволи, тогаш ќе биде во таканаречен заштитен режим, односно ќе биде бавно како полжав.