Анализи
Виситинските ефекти од електрификацијата
Последниве години електрификацијата е најчесто споменуван збор поврзан со автомобилите. Да погледнеме одблизу кои се вистинските ефекти од замената на течните горива со електрична енергија.
Секојдневно сведочиме за појава на нови модели кои се делумно или пак целосно електрифицирани.
За помалку упатените да појасниме. Хибридните возила во принцип користат бензиски мотор но во одредни ситуации можат да бидат помогнати и од електромотор.
Целосно електричните возила (BEV – Baterry Electric Vihicle), погонската сила ја добиваат исклучиво од електромотор (може да ги има еден, два, три или четири на број), а се напојуваат од вградениот сет батерии.
И во двата случаи ефектот на намалување на потрошувачката на гориво (поврзано со тоа и на емисијата на штетни гасови) е драстично намален, или (кај BEV) рамен на нула.
Токму тоа го посакуваат регулаторите. Според степенот на емисија на штетни гасови се одредуваат и серијата државни давачки.
За BEV возилата, за сега, се резервирани само ловорики, чиј еколошки мирис се шири преку разни бенефиции при купување и користење на возилото.
Од друга страна, како чувари на поредокот на планетата стојат основните закономерности на физиката кои предупредуваат дека во природата нема „ништо за нешто“. Физиката поготово е строга кога се работи за енергетските биланси.
Најбезболен начин е кога потребната електрична енергија е добиена од обновливи извори на енергија, како што се соларната и енергијата добиена од ветерниците.
Ова веќе звучи прилично оптимистички. Убавината ја расипува реалноста која не освестува со фактот што чистата енергија, во вкупната продукција учествува со премал процент.
Знаеме дека природните ресурси ги има во неограничени количини, но со сегашното ниво на експлоатација, се користи во занемарливо мали количини.
Навлегувањето во дискусии зошто е тоа така, и која страна од господарите на енергијата добива или губи, ќе не одведе на широкото поле на шпекулации. Сепак ќе се задржиме само на ефектите од електрификацијата.
Во градовите полесно ќе се диши
Како најважен се наметнува впечатокот дека големите урбани центри, кои се и најзагрозените во однос на концентрација на издувни гасови, ќе имаат многу почист воздух за дишење.
Цената за заштита на нивното здравје ќе биде платена на локациите каде што се произведува електричната енергија за полнење на батериите.
А „таму некаде“ каде што се прави струја загадувањето зависи од материјата која се гори за вртење на генераторските турбини.
Најмалку вознемирувачко е кога тоа го прави слободниот пад на водата (хидроцентрали) од вештачките акумулации. За жал хидропотенцијалот е целосно зависен од конфигурацијата на природата и временските услови, а згора и го нема во доволни количини.
Со употреба на природниот гас ситуацијата малку се влошува затоа што при неговото горење околината веќе се оптеретува со емисија на CO2, но и со одредени количини на азотни оксиди.
Кога вртењето на генераторските турбини зависи од топлината која се равива при согорувањето на нафта или мазут ситуацијата со загадувањето бега од контрола. И малку се губи смислата затоа што нафта можат да согоруваат и автомобилите (и тоа многу поефикасно).
Притоа ќе ги нема и неизбежните загуби при конверзии на еден во друг вид енергија. Секако останува забелешката дека тоа согорување е дислоцирано подалеку од урбаните центри.
Се разбира, најразвиените имаат и атомски централи, но складирањето на радиоактивниот отпад е процес кој предизвикува напади на неконтролирана паника кај еколошки настроените општества.
Во контекст на деградирање на природата треба да го споменеме и производството на литиумот потребен за батериите, процес кој воопшто не е наивен.
Дали овој биланс нé доведува до енергетски ќорсокак. Уште поважно, дали можеби свестките стратези стручно се прерачунаа?
Која е смислата за забрзаната електрификација?
Да ја погледнеме реалноста во очи, одоговорот сепак е „тука некаде“. Па, дали во тек се војни каде токму енергијата се користи како главно оружје.
Пред да се обидеме да дадеме одговор уште еднаш да повториме, процесот на електрификација е неповратен. Дефинитивно, во иднина автомобилите ќе возат на струја.
Развојот на технологија на водород – тоа се BEV кои електричната енергија ја добиваат од таканаречени горивни ќелии – е технологија во која се вперени многу надежни очи.
Тука е и развојот на нови типови батерии, динамичниот подем на енергија од обновливи извори, и можеби смирување на војните конфликти, со што би се вратиле условите од пред пандемијата.
Само заедничките ефекти од сите релевантни фактори би ја оправдале сегашната експанзија на возилата кои се движат со помош на електрична енергија.
текст: Агрон Сулејман