Во светот
Вентилите во Hyundai ќе работат под ритам на CVVD системот (видео прилог)
Новиот систем на работа на вентилите кој групацијата Hyundai го воведува во сериско производство, ги зголемува перформансите за 4%, ја намалува потрошувачката за 5%, а емисијата на штетни гасови ќе биде за 12% пониска.
Долгогодишната истражувачка работа на корејските инженери, ќе дебитира во новиот Smartstream G1.6 T-GDi мотор.
Досегашните системи за променлива работа на вентилите CVVT (Continuously Variable Valve Timing) се базираа на моментот на отварање, односно затворање на вентилите во зависност од вртежите на моторот. Таков е на пример VANOS системот кој го користи BMW.
Наредната фаза од развојот е т.н.р CVVL (Continuously Variable Valve Lift) при што освен точката на отварање се регулира и должината на одот на вентилите. Fiat во своите модели ја користи комбинацијата од двата системи (MultiAir) бенефитирајќи во гориво и афикасност.
Во општата трка за зголемување на ефикасноста на моторите и намалување на емисијата на штетни издувни гасови, Hyundai сега го воведува CVVD системот. Како што јасно сугерира последната буква од кратенката станува збор за времетраењето на отвореност на вентилите.
Во зависност од условите, освен што се регулира моментот на отварање, CVVD овозможува и контрола на времетраењето на процесот. Како пример: при ниски оптеретувања во тек на всисниот такт, вентилите се затворени половина од времето на тактот за да потоа се отворат и така останат до завршување на всисувањето.
Обратно, при високи оптеретувања на моторот, вентилите непосредно по започнување на работниот такт се отвараат и остануваат отворени се до завршување на всисувањето.
Ако можеме накратко да заклучиме, се работи за прецизни процедури за контрола на работата на всисните и издувните вентили во зависност од оптеретеноста на моторот. Тука како главна новина се јавува моментот со времетраењето на отвореност на паровите вентили.
Резултатот од тој труд се огледа во зголемување на ефикасноста за 4%, и што е многу позначајно, емисијата на штетните издувни гасови се намалува за цели 12%.
Новиот Smartstream G1.6 T-GDi мотор (180 КС, 265 Nm) своето деби ќе го има оваа есен во Hyundai Sonata Turbo. За вградување во Kia, сеуште не се објавени информации, но до крајот на годината сигурно ќе осамне во некој од најавените нови модели.