EV
Британците забавуваат
Биле во ЕУ или не, Британците си имаат свои правила на однесување во сообраќајот – возат по погрешната страна на патот, горивото го точат во галони, растојанието го прикажуваат во милји…
Исто е и со брзината – ја мерат во милји на час, а и да ја мерат како нас, ограничувањата пак ќе бидат различни.
Но за одговорните од надлежните службите задолжени за сообраќајот и тоа е многу и се прават анализи за имплементирање на проект со кој максимално дозволената брзина ќе се намали на 60 mph, односно на 96 km/h.
Причината не е безбедноста која таму е на високо ниво, туку загадувањето на воздухот – според државната агенција за автопатишта намалувањето ќе направи, цитираме: „воздухот да може да се дише“.
Планирано е тоа да се стори во наредните 12 до 15 месеци, а казната за оние што ќе продолжат да возат 70 милји на час ќе изнесува 100 фунти и три казнени поени во возачката дозвола.
Претходно новиот лимит ќе биде тестиран на четири кратки делници од по 4,5 километри.
Дополнително, на деловите од автопатиштата кои поминуваат низ или покрај населени места ќе бидат поставени бариери кои ќе спречуваат издувните гасови да се шират наоколу.
Според здравствените власти, во Велика Британија годишно како последица на загадениот воздух предвреме умираат по 40.000 луѓе.