Актуелен Миг
Безбедноста на децата, апсолутен приоритет во сообраќајот
Компанијата „Пнеуматик“ во соработка со Општина Центар, Одделението за превенција при СВР-Скопје и основното училиште “Јохан Хајнрих Песталоци”, го реализираше првиот дел од проектот “Поддржуваме безбедна иднина” – кампања за заштита и безбедност на најмладите учесници во сообраќајот.
Младите и нивната едукација за поголема безбедност треба да бидат основни приоритети на општеството, но и на одговорни компании како што е тоа примерот со Пнеуматик која донираше заштитни фосфорни елеци за учениците.
Тие би биле, во зависнот од потребите, користени од учениците кои одат на еднодневни едукативни посети и работилници надвор од училиштето, а целта е тие да бидат позабележиви, а со тоа и побезбедни учесници во сообраќајот.
Убаво смислениот настан започна со реализирање на едукативна работилница од областа на сообраќајот за учениците од II-ро одделение – сообраќајно-воспитната акција “Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Настанот беше поддржан и од Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој им се обрати на присутните заедно со претставникот на Пнеуматик, Александар Трајковски.
Тој воедно ги изнесе и идните планови за реализација на нови проекти во соработка со Одделението за превенција, СВР Скопје.
Според Трајковски, активностите ќе продолжат да се одвиваат во текот на целата учебна година и ќе бидат опфатени и други општини на територијата на Град Скопје, бидејќи примарна цел е сите заедно да ја поддржиме безбедната иднина на најмадите учесници во сообраќајот.
Едукацијата и донацијата ќе бидат реализирани и прилагодени на возраста на децата. Ова е една од ретките акции која освен благородноста на идејата во себе содржи и силна едукативна нота која на подолг рок, во тоа сме сигурни, дека би дала одлични резултати.