Совети
Ова се новите правила за увоз на половни возила
Новите правила за увоз на половни возила се во сила од 01 јули 2018 година. Целта е да ве информираме дека Царинската управа на Република Македонија започна со нов начин на утврдување на царинската вредност при увоз на употребувани патнички, комбинирани и лесно доставни товарни возила и мотоцикли, односно употребувани моторни возила.
Царинењето на употребуваните моторни возила и понатаму ќе се врши по месна надлежност во царинските испостави кои се определени за увозно царинење на моторни возила и тоа: во Царинарница Скопје (ЦИ Скопје 1, ЦИ Скопје 2, ЦИ Скопје 3, ЦИ Блаце и ЦИ Тетово), во Царинарница Куманово (ЦИ Куманово и ЦИ Деве Баир), во Царинарница Штип (ЦИ Штип, ЦИ Делчево и ЦИ Велес), во Царинарница Гевгелија (ЦИ Гевгелија, ЦИ Кавадарци, ЦИ Струмица и ЦИ Ново Село) и во Царинарница Битола (ЦИ Битола, ЦИ Меџитлија, ЦИ Прилеп, ЦИ Охрид и ЦИ Струга).
Пребарувањето во електронскиот каталог ќе се врши од страна на царински службеник во секоја од наведените царински испостави, одговорен за пребарување во електронскиот каталог.
На овој начин, со воведување на овој електронски систем на пребарување по број на шасија, пребарувањето ќе биде брзо, едноставно и транспарентно, а истовремено и воедначено на целата територија, со што се исклучени било какви ненамерни грешки или субјективен фактор при утврдувањето на вредноста на употребуваните моторни возила.
Трошоците за пребарување во електронскиот каталог се на товар на Царинската управа на Република Македонија. Истовремено, престанува и досегашната обврска за задолжително фотографирање на секое употребувано моторно возило при неговото увозно царинење.
Пишува: Кузман Дамчевски