Совети
Загадувањето само што не започнало
Пишува: Агрон Сулејман
На праг на заладување на времето мора да се подготвиме за соочување со временските (не)прилики кои знаеме од искуство, неизбежно водат кон енормно загадување на воздухот во Скопје.
Тогаш сите како да забораваме дека по летото неминовно доаѓаа период со пониски температури. Нашиот менталитет на штурец кој безгрижно си ја пее својата песна, завршува со првите денови кога треба да ги загреваме просториите.
Скопје има таква микроклима што на повисоки температури ветровите го оддувуваат воздухот кој ние немилосрдно го загадуваме. Штом залади, втериштата ги заменува маглата, и згора на сé имаме загревање на просториите со енергенси од „непознато“ потекло.
Токму тогаш почнуваат и нашите маки со загадувањето. И ведаш потоа доаѓа реакција од надлежните, поточно бањање од проблемот и префрлање на вината на сите останати.
Еднаш највиновни ни се старите автомобили, потоа фабриките без адекватни филтри, па централното и индивидуалното греење за да на крајот прстот го впериме кон градежниците … и се така до моментот кога ќе пукне пролетта и ќе ги издува P.M. честичките и останатите отрови од воздухот.
Тие што ќе куртулат само со полесни последици, повторно ќе засвират на своите штуречки инструменти. Помалку среќните ќе се обидат своите тегоби да ги решат со алтернативни лекови, оти јавното здравство не ни е баш во кондиција. Би било весело кога оваа приказна не би се одвивала во критично загаден воздух, параметар кој неславно не сместува на самиот светски врв.
Се разбира дека, не! Барем ако се повикаме на неодамнешната изјава на градоначалникот на Скопје, Шилегов кој излезе со своја анализа и кажа дека доколку во Скопје се изгради секундарната мрежа на гасоводот, загадувањето ќе се намали за над 50%.
Убаво. Ај да ги продискутираме и резултатите од ланското испитување на независни европски екологисти кои велат дека на автомобилите отпаѓаат (говориме за Скопје) под 25%, па потоа да го впериме прстот кон најголемите загадувачи.
Да бидеме јасни, и предизвикување на четвртина од загадувањето не е вредност која би можеле да ја занемариме. Напротив.
Постојат редица технички мерки кои би требало надлежните да ги донесат, а кои би придонеле да дишеме драматично почист воздух. Сепак, тоа е една широка тема која бара сериозна анализа на нашиот сообраќај во целина, па потоа преземање адекватни мерки. Постојат бројни светски искуства на кои можеме да се повикаме, и овој загадувачки сегмент видно да го подобриме.
Како и да е, комплексната поврзаност на автомобилите и квалитетот на воздухот кој го дишеме, е токлу важна тема што мислам дека за решавање на тој проблем е потребна поширока вклученост на сите општествени фактори. Со неа би биле опфатени законската регулатива, патната инфраструктура, составот и староста на возниот парк, организирањето на јавниот градски превоз!
Но од ова место сакам да истакнам дека секој пат кога енормното загадувањето ќе го почувствуваме со сите сетила, да се сетиме дека автомобилите не се единствената (дури не се ниту најголема) причина за тоа. Иако е тоа факт, сепак треба да бидеме подготвени во критичните денови да се откажеме и од комфорот на сопствен превоз!
P.S. Додека го напишав овој текст веќе бројките за загадување ја сменија бојата во црвена.