СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Тестови

Toyota RAV4 Hybrid AWD: Стилско одело за високата технологија

 

Моделската зрелост на RAV4, Toyota ја демонстрира со постојано оплеменување наметнувајќи високо темпо – последното апдејдурање доаѓа во облик на спортско луксузен пакет, Adventure.

Дружењето со RAV4 секогаш и одново предизивикува прилична доза на возбуда.

Најголемиот светски производител знае како да ги држи своите актуелни модели во добра кондиција.

Конкретно: зборуваме за хибридната верзија на RAV4 која ја движат бензиски мотор и уште по еден електромотор на секоја оска. Сите доблести на таа самополнечка хибридна поставка ги познаваме веќе 3 години, но…

Но сега стигнуваме до поентата: новиот пакет на опрема означен како Adventure дава нова димензија на родоначалникот на SUV возилата. Поточно, поставува нови стандарди во класата рушејќи ги границите и навлегувајќи длабоко на територијата на луксузот. Дали некој веќе помисли на Lexus?

Што ја прави разликата?

Нова маска на ладилникот со две маркантни хоризонтални линии со средишно поставен голем амблем на брендот, потоа напред и во задниот дел поставени протектори во сребрена боја, мат црни 19-цолни бандажи, голем панорамски кров.

И повеќе од доволно за истакнување на индувидуалноста и посветеноста кон стилските детали.

Спецификите на внатрешноста се задолжени за чувство на префинетост. Црната еко кожа сошиена со конец во портокалова боја ќе ви посака топло добредојде. Ја има на седишата, управувачот, таблата со инструменти, вратите, потпирачите за раце. На пластиката тука не и е место – сите облоги се меки и пријатно на допир.

Посветените аудиофили ќе може да уживаат во звукот обработен од JBL уредот кој ги испраќа сигналот до 9 звучници.

Видео секцијата како да доаѓа од некое продукциско студио.

Системот од четири камери обезбедува преглед од птичја перспектива.

Предната широкоаголна камера ќе го олесни маневрирањето во тесен простор, а задната камера при паркриање ќе ви ги поштеди вратните жили од напрегање.

Во случај некој да ви влета во мртов агол тука се камерите поставени на ретровизорите со задача за рано предупредавање.

Со ова набројување никако не завршува богатиот список опфатен со пакетот на опрема Adventure – за тоа ќе треба да се обратите кај домашниот увозник на Toyota.

Оригинална хибридна технологија

Актуелниот RAV4 на пазарот е присутен уште пред пандемијата. Кризниот период Toyota го надмина со понатамошен развој на хибридната технологијата која самите тие ја применуваат уште од 1997 година.

Во срцето на хибридниот систем е поставен 2.5 литарскиот бензинец кој и покрај големината има само четири цилиндри.

Односот во коморите за согорување оди во прилог на подолгиот óд која обезбедува зголемување на вртежниот момент, а зголемената компресија од 14,0 која е поблиска до дизел моторите отколку до бензинците работи во корист на економичноста.

Сетотот батерии е сместен во подницата, а од него се напојуваат предниот електромотор со силина од 88 kW (120 КС) како и електромоторот од 40 kW (55 КС) сместен на задната оска – заедничкиот ангажман на системот испорачува големи 222 КС.

Во зависност од потребите, SUV-от со средна големина ја рапоредува расположливата силина само на предната оска или пак во случај на потреба испраќа на задната оска до 80% од вртежниот момент. Тоа е клучот за обезбедување интегрален погон.

За максимизирање на тракцијата се грижи електрониката која, во зависност од условите, на тркалото со најдобар контакт испраќа најголем дел од силината.

Дали е тоа доволно за SUV кој тежи нешто над 1.700 kg? Забрзувањето од 8.1 секунди и максимумот (електронски ограничен) од 180 km/h го даваат вистинскиот одговор.

Благодарејќи на двата електромотори притисокот на папучата за гас веднаш го дава очекуваниот ефект. Општо земено, новиот RAV4 пред се е подесен на удобност. Се чини дека таа особина им била примарна на конструкторите – подинамичното возење бара одлучно притискање на папучата за гас.

Возилото ќе успее да се справи со секој вид на патни услови, па дури и по секаков терен без притоа да покаже нервоза. Од друга страна, спортски настроените рекреативци можеби повеќе ќе очекуваат од 222 КС, но да не заборавиме, освен перформансите од еден врвен хибрид се очекува и скромна потрошувачка.

Ете тоа е точката каде што се спојуваат инженерските решенија. И кога се тема бројките за потрошувачката, тогаш треба да се знае дека RAV4 пријатно ќе изненади во тешките градски појди/застани услови.

Брзите автопатски делници во принцип ќе паднат врз плеќите на големиот бензинец. но и во тој случај говориме за просечни 6 до 7 литри за секои 100 километри.

Во Toyota истакнуваат дека безбедноста треба стандардно да ја добие секој корисник на нивните возила, токму како и 10 годишната гаранција.

Можеби требаше да истакнеме уште на почетокот, цената на Toyota RAV4 Hybrid AWD со Adveture пакет на опрема изнесува 53.319 која со акцискиот попуст се спушта на 49.619 евра.

Да, не е малку, но е во целосен склад со новата реалност. Проверете ги цените на пазарот, изнивелирајте ја опремата и карактеристиките, па потоа заклучокот сам ќе се наметне.

 

Toyota RAV4 Hybrid AWD-i  E-CVT
мотор Бензиски, четири цилиндри, линиски, сместен напред попречно
работна зафатнина 2.487 cm3
Напојување директно и индиректно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар,
максимална силина 130 kW / 177 КС @ 6.000
максимален вртежен момент 221 Nm  @ 1.750 – 2.500 врт/мин.
максимална силина на предниот електромотор 88 kW / 120 КС
максимална силина на задниот електромотор 40 kW / 55 КС
Системска силина 222 КС
пренос на силина CVT (континуиран пренос) автоматик , AWD  – погон на двете оски
потпирање Напред: Mc Pherson пружини, попречни рамења, стабилизатор                    Назад: мултилинк оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови / дискови – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.600 x 1.855 x 1.685 (mm)
меѓуоскино растојание 2.690 mm
тежина 1.650 – 1.730 kg
максимална брзина 180  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 8.1  секунди
комбинирана потрошувачка 4.4 – 4.5   l/100km (според NEDC)
емисија  на CO2 100 / 103 g/km (според NEDC)

 

 

 

 

Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови