СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

EV

Piëch GT – Аполон меѓу автомобилите

 

Ако името ви звучи познато, има причина за тоа – Фердинанд Пих тешко се заборава.

Тука сепак во прашање е Антон, едно од неговите 13 деца, кој е соосновач на швајцарската компанија Piëch Automotive тесно поврзана со семејниот капитал.

Користејќи ги сите можности и прилики што името (и парите) ги овозможуваат, настана овој прекрасен ексклузивен автомобил со електричен погон.

Концептот со ознака Mark Zero GT претставен уште во 2019 година прерасна во првиот и засега единствен модел, за кој може да кажеме дека навистина добро изгледа.

Стилски многу потсетува на нешто од Aston Martin, но тоа воопшто не е недостаток – аполонската градба секако е карактеристика на сите вакви автомобили.

Не цели многу високо бидејќи е долг само 4,43 метри, што во оваа класа го става рамо до рамо со Porsche 911 и сличните на него.

Како што и приличи на времето во кое живееме, овој двосед е задвижуван од три електромотора – два назад и еден напред, со вкупна моќност од 600 коњски сили.

Официјалните податоци велат за забрзување до 100 km/h за 3, а до 200 за 9 секунди, додека максималната автономија му е одредена на 500 километри

Батериите со капацитет од 75 kWh кои ги испорачува кинескиот Desten наводно од 0 до 80 отсто од капацитетот се полнат за само осум минути.

Според најавите производството, кое треба да се движи околу 1.200 примероци годишно, ќе започне во 2024 година, по цена која неофицијално би изнесувала околу 90.000 евра.

За понатаму, бидејќи архитектурата е флексибилна, Piëch Automotive најавува уште и SUV и спортски седан за кои како погонска опција се разгледува и водородот, ама за тоа потоа.

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од EV