СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

EV

MG 4 EV: Електричен удар во срцето на компактната класа

 

Европска концепција, најнова ЕV технологија и грижливо планиран настап, се основните значајки на електричниот компакт, MG 4 EV  чие лансирање на европскиот пазар е предвидено за последниот квартал од годината.

По долго планирање, од бракот помеѓу британскиот MG Motor (Morris Garages) и кинеската групација SAIC, набргу се очекува раѓање на компактен автомобил на електричен погон.

За грижливо планираната принова е подготвена целосно нова MSP (Modular Scalable Platform) платформа.

Атрибутот „модуларна“ во случајов значи дека меѓуоскиното растојание може да варира помеѓу 2.650 и 3.100 mm, може да носи мотор на задната или пак на двете оски и дека може да биде употребена во разни краосериски варијации.

Од големиот избор на технички можности MG 4 EV користи мотор на задната оска и две варијации на батерии со капацитет од 51 и 64 kWh.

Да појдеме по ред. Компактниот MG 4 EV според пропорциите напаѓа во самото срце на европската компактна класа.

Должината од 4.287 и широчината од 1.836 mm се очекувани, но височината од само 1.504 mm е поприлично изненадување.

Поготово за EV кој на својата подница има поставено сет од капацитетни батерии. Тајната е во досега најмалата дебелина на литиум-јонските батерии кои уредно спакувани не надминуваат височина од 110 mm.

Помалиот пакет на батерии (51 kWh) напојува електромотор од 125 kW (170 КС) и може со едно полнење на батериите да помине (според WLTP) 350 километри.

Очекувано, пакетот со поголем капацитет на батериите (64 kWh) користи и поголем погонски мотор кој во случајов испорачува 150 kW (204 КС).

Електромоторот поставен на задната оска овозможува забрзување до првата стотка за 8 секунди. Со едно полнење оваа верзија може да се движи до 450 километри.

Заедничко за двете изведби е што максималната брзина им е ограничена на 160 км/ч што во моментов важи за одличен компромис помеѓу желбата за брзина и разумното трошење на батериите.

Од MG 4 EV  се очекуваат одлични возни особини, не само поради ниското тежиште овозможено од позицијата на батериите туку и од податокот за идеалниот тежински распоред од 50:50 на оските.

Судејќи според нашите искуства стекнати од возењето на актуелните модели на MG Motor очекуваме врвна изработка, гомила опрема и (се надеваме) многу конкурентни цени.

 

За MG Motor:

Групацијата SAIC (Shanghai Automotive Industry Corporation) под чија капа освен MG Motor функционираат уште и брендовите Roewe и Baojun, и што е уште  позначајно, партнерски соработува со GM и Volkswagen, на европскиот пазар се реши да биде присутна со култниот британски бренд, MG Motor.

Токму MG (Morris Garages) прославениот британски бренд е одбран за брз раст на најпробирливиот и најкомплексниот светски пазар. Походот на Европа (во Британија се присутни веќе цела декада) е започнат во период на општ локадаун предизвикан од пандемијата.

Во 2020 година вкупно се продадени 7.200 единици, минатата година таа бројка се искачува на 22.000 илјади за да во првиот квартал од годинава бидат пласирани 22.135 возила.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од EV