СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Во светот

Honda Civic Type R: Последното рејсинг типче [видео]

 

Civic Type R како последен мохиканец останува да ги брани боите на семејните спортисти со мотор напред – погон напред концепцијата. Најновата генерација (неслужбено) ќе нуди 330 КС и 420 Nm.

Новиот спортски Civic ќе биде последната Honda која ќе користи само мотор со внатрешно согорување.

Како што и доликува, тој момент ќе го одбележи на величенствен начин: со најсилен 2.0 турбо кој со помош на рачен менувач ги врти само предниот пар тркала.

Иако неофицијално, протекоа податоци кои говорат за зголемување на силината до максимални 330 КС (6.500 врт/мин) и вртежен момент од 420 Nm.

Како и досега, американските спортски ентузијасти ќе бидат закинати за 10 КС, но тоа е повеќе прашање на јапонскиот карактер отколку на технолошки дилеми.

Во секој случај говориме за цивилната изведба на Civic која во три каросериски верзии им служи на семејствата ширум светот веќе 50 години, и спортскиот дух на Type R кој ги радува ентузијастите веќе 25 години. Претходно беџот Type R беше користен во моделите NSX и Integra.

Сето тоа со непроменета концепција и пристап. Моторот од два литра секогаш е сместен под предниот капак и ги придвижува предниот пар тркала. Карактерот на Type R никогаш не оставал дилеми: сериски спортист наменет за динамични возачи, кој со мали интервенции може амбициозно да застане на тркачка црта.

И повторно како и претходниците, Civic Type R од петтата генерација поставува нови лимити на пренос на силината на истата оска која управува со тркалата.

Додека конкурентските обиди никако не успеваат да ја постигнат тристотката, Honda оди до границата од 330 КС. Секој хечбек посилен од Type R мора да има погон на двете оски.

Супериорноста на новиот спортист, кој во Европа се очекува на почетокот на идната пролет, е веќе докажана на патеката Сузука каде успеа да постигне рекордно време за возила на преден погон.

Водејќи се според традицијата, Type R ја користи платформата на штотуку претставениот Civic, а разликата се прави во пропорциите (понизок и поширок) како и во драматично обликуваниот заден спојлер.

Од технолошкиот бутик на Honda позајмени се можностите за сетирање на моторот, управувањето, потпирањето и звукот на моторот.

Додатно тука се опциите за избор на модовите Comfort, Sport и +R, како и премиерно претставениот Individual Mode со чија помош се врши целосна персонализација на возачките искуства.

Всушност, развојните инженери одвај чекаат да ве навлечат на свој терен за да можат потоа да објаснат дека ниту една компонента не е идентична со претходникот.

Да го разрешиме и изборот на мануелен менувач. Од Honda велат дека тоа е направено по барање на клиентите кои многу повеќе преферираат рачно командување со менувачката кутија.

На страна тие очекувања, но се чини дека преовладало мислењето дека на последниот спортски класичар многу повеќе му прилега да има рачка на менувач.

Внатрешноста, изработката и материјалите едноставно може да се опишат како – Honda.

 

 

 

 

 

 

 

Реклама

Интересно

Повеќе од Во светот