СЛЕДЕТЕ НЀ

Тестови

Haval H6 2.0 GDIT: „Голем ѕид“ изграден по европски терк

 

Кинескиот SUV со средна големина го возевме во турбо бензиска комбинација од 190 КС и највисокото, Supreme ниво на опрема – чини 27.470 евра.

Гледано од наша перспектива, делува малку непристојно да говориме за некакви бројки и нивна аналализа кога станува збор за Кина и сé што доаѓа од таму. Поготово кога говориме за автомобилите; доволно ќе биде да истакнеме дека тоа е далеку најголемиот светски пазар.

Само еден факт, минатата година во Кина се произведени и продадени околу 27 милиони единици. Поинаку кажано, секој ден од годината по 74 илјади нови возила им биле испорачани на новите сопственици. Како за споредба, во целата Европска унија тие бројки за уполу помали.

Во таа Кинеска димензија, Great Wall важи за специјалист во производството на SUV возила, теренци и за комбинирани возила наменети за тешки услови. За меѓународното претставување на Great Wall, од 2013 година се грижи премиум брендот Haval.

Ако кажеме дека во изминатите 6 години под ознаката на Haval се пласирани над 6 милиони возила, повторно ќе западнеме во замката на големите бројки, кои како да се остваруваат надвор од нашиот систем на мерила.

Но, токму моделите на Haval се точката каде што се вкрстуваат патиштата на Great Wall и домашната компанија „Толту Моторс“ која години наназад е овластен застапник за нашиот пазар.

 

SUV од самата средина на понудата

Од нив на неколку дневно дружење ни беше позајмен Haval H6, SUV со средна големина опремен со највисокото Supreme ниво на опрема.

Уште на прв контакт со возилото брдо од прерасуди паѓа под нозете. Со целосно европеизиран изглед гордо застанува пред вас и без комплекси веднаш е подготвен да ги истакне своите атрибути.

А нив ги има „мал милион“. Првичниот впечаток се објаснува со фактот што „H6“ е нацртан од европски дизајнерски тим составен од врвни дизајнери, со искуство во изработка на бројни успешни модели .

Можеби не е баш по вкусот на просечниот кинески купувач, но Haval H6 е наменет за глобалниот пазар. Парадоксот се крие во податокот дека нема да го најдете во земјите на ЕУ, но причините за тоа се од административно-политичка природа, а за тоа се прашуваат некои други структури а не купувачите.

Надворешниот изглед, по обичај не го дискутираме – доволно говорат фотографиите, а уште подобро непосредниот контакт со возилото. Затоа пак, влезот внатре повторно ќе ви направи мала збунка околу потеклото. Бездруго, на автомобилите “Made in China” ќе мора бргу да се навикнеме.

Современо скроен ентериер со сите (повторно) европски нишани. Започнувајќи од великодушно скроените седиштата преку ергоносмки скроената архитектура па се до поставеноста на командите, сé е педантно сместено, токму таму каде што сте навикнале да бидат.

 

Haval H6 2.0 DGIT

мотор линиски турбо бензинец, четири цилиндри, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.967 cm3
пречник и од 81 × 95.5 mm
напојување директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар,
максимална силина 140 kW / 190 КС @ 5.500
максимален вртежен момент 340 Nm  @ 2.000 – 3.200 врт/мин.
пренос на силина 7 DCT, автоматик, седум степени, погон на предна оска
потпирање Напред: Mc Pherson пружини, попречни рамења, стабилизатор

Назад: мулти линк оска, спирални пружини, стабилизатор

сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови напред и назад  – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.610 x 1.860 x 1.720 (mm)
меѓуоскино растојание 2.690 mm
тежина 1.640 kg
максимална брзина 190  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 9.9  секунди
комбинирана потрошувачка 8.5  l/100km
емисија  на CO2 196  gr/km

 

Турбо бензинец, 7-степснски автоматик, преден погон

На платформа со McPherson напред и мултилинк задна оска, на меѓуоскино растојание од 268 cm е поставена каросерија со должина од 461 cm. Механичката основа ја заокружуваат двелитарскиот турбо бензинец со 190 КС (340 Nm) и 7-степенскиот автоматски менувач со двојна спојка кој силината ја пренесува на предниот пар тркала.

Би се рекло современа класика, која во оваа класа е веќе стандард. Изненадувањата, како и секогаш нели, се кријат во деталите. Започнувајќи од оските па се до менувачот и контролната електроника, се потпишуваат од врвните светски производители.

Според добриот далеку-источен обичај деталите не се соопштуваат, но уверени сме дека и во изработката на моторот раце имаат вмешано развојни центри кои се од нашиот континент.

Поважно од тоа е хармоничното делување на целеиот склоп. Haval H6 мазно лизга низ асфалтот со динамика својствена на седани од повисоките класи.

Сето тоа го прави дискретно, вешто пригушувајќи ги вибрациите и бучавоста.

Посебно остава впечаток менувачот кој и покрај брзата промена на степени, преминот го прави речиси без никаква возбуда. Хавалот со средна големина (ги има ушште под два поголеми и помали модели) ги сака и повисоките брзини – покрај димензиите, максимумот му е поставен на високите 190 км/ч.

 

Раскошно димензионирана опрема

Походот кон глобалниот пазар започнат од Јапонските производители, потоа следен од Корејците а сега продолжен од Кинезите, води преку понудата на богата опрема.

На таа позиција компромиси никој не помислува да прави, најмалку со моделите предодредени да направат светска кариера.

Сега можеме да набројуваме се што е вградено во најопремениот Haval H6, но попрактично би било да кажеме што недостасува во спецификацијата. И ете повторно проблем, може да се оди во префинестости од типот, заштита на прстите при затворање на електричните прозори (целосната опрема ТУКА)!

Уште поважно е чувството на безбедност кое го дава самото возење, а притоа годи и сознанието за присутноста на бројните системи за асистенција, групирани според најновите стандарди.

 

Заклучок

Без некакви претензии да доделуваме плусеви и минуси за одредени позиции, убаво е да се знае дека за далеку помала сума на пари се добива одлично екипирано и квалитетно возило кое е фабрички гарантирано со 5 години или 150 илјади километри.

Единствениот недостаток е задржување на вредноста при евентуална повторна продажба, но познавајќи го менталитетот и тоа ќе се смени додека возилото сеуште е во гарантен рок. Дали некој ќе се изненади ако констатираме дека времето на автомобилите кои доаѓаат од Кина е посипано со свеќиња.

Цената на тестното возило во конечница изнесува 27.740 евра, но веднаш да кажеме дека почетната цена на Haval H6 со 163 КС, изнесува многу прифатливи, 22.400 евра.

 

 

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото: Јулиа Егорова

 

 

Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови