СЛЕДЕТЕ НЀ

Тестови

Fiat 500 Hybrid: Хибридно бонбонче

 

Петстотката на Фиат доби милд-хибриден погон во кој соработуваат нов бензинец од еден литар и мотор-генератор систем. Со тоа безвременскиот дизајн и еколошката прифатливост започнаа романса која сега ќе се одвива во нова димензија.

Веројатно и во идниот век, и со ист изглед, ќе постои возило кое ќе биде нарекувано Fiat 500. И без разлика на погонот тоа повторно ќе го носи карактерот со кој е обдарен уште од неговото раѓање.

Тој е ѕвезда, која со мала пауза, сјае уште од 1957 година кога како мал и достапен автомобил беше идеален модел за моторизација на Италијанската нација.

Првичната задача значајно ја надмина, претворајќи се подоцна од автомобил за основна употреба во симбол на животниот стил. Понатамошниот развој го доведе до статус на неодолив шармер на цели генерации.

Сега продолжува да го освојува светот со нова содржина. Строгите еколошки норми диктирани од Европските регулатори се неумоливи. Одговорот кој стигнува од Fiat го содржи атрибутот: еколошки прифатлив.

Три цилиндри, 999 ccm, 70 КС!

Намалувањето на потрошувачката во „петстотката“ се одвива преку системот мотор-генератор кој преку ремен директно е поврзан на коленастото вратило. Погонскиот бензинец (од серијата Firefly) со работна зафатнина од 1 литар има три цилиндри и постигнува 70 КС, а најпријатно се чувствува кога се врти со 3.500 вртежи при што испорачува максимален момент од 92 Nm.

Наново развиенот атмосферски мотор тежи само 77 килограми и носи типично Фиат-карактер. Што тоа точно значи не мора многу да се објаснува. Но можеби ќе треба да се истакне отсуството на турбо полнач, потоа фактот што диши само преку два вентили по цилиндар и има вградено мултипоинт вбризгување. Комбинацијата од современи материјали и класични решенија функционира речиси перфектно.

Погонот на предните тркала се одвива преку мануелен менувач со шест степени на пренос, кој мора тоа да го истакнеме, е извонредно прецизен и со одлично одмерени преносни односи.

 

12-волтна плагин технологија

Електричниот систем работи на напон од 12 волти и содржи два акумулатори од кои литиум јонскиот кој е задолжен за plug-in системот (11 А), е сместен под седиштето на возачот.

При забрзување, акумулираната енергија се пренесува на електромоторот и помага со 3,6 kW (4,9 КС). Не е многу, но сосема доволно да се заштеди значајно количество гориво. Во случај кога се отпушта педалот за гас, генераторот добива сигнал за конверзија на неговата улога во генератор. Активирањето на сопирачките додатно ги полни двете батерии.

Новина во однос на досега употребуваните системи е можноста за гасење на моторот при движење, кое се остварува при ставање на менувачот во „лер“. Доволно за исполнување на најновите WLTP стандарди, со емисија на CO2 од просечни 93 грама на сто километри.

Имиџ, стил, шарм

Но што се бројките во однос на чувствата? Во случајов, ама баш ништо! Доволно е да свртите „едно кругче“ и да ги погледнете воодушевувачките реакции на случајните минувачи.

Ако тие погледи ги упатува повозрасен човек се насетува носталгија, а ако доаѓаат од помлади луѓе очигледно е воодушевувањето од стилот и упадливо зрачење на неограничени имиџ-количини.

Погледите од надвор ќе забележат децентни промени на обликот во однос на возобновеното 500-семесјтво од 2007 година. Еволуцијата се одвива умерено така да не се остава ниту најмала дилема околу припадноста.

Архитектурата на внатрешноста е на иста линија, не оставајќи така никаков простор за сомнеж во потеклото – ова е чиста 500-ка, далечен наследник на „чинквеченто“.

Организација на новата внатрешност отвара мал простор и за забелешки. Наметната потреба за додатни прекинувачи создава мала конфузија поради нивната расфрланост низ ентериерот.

Мала забуна внесува поставеноста на рачката за висинско подесување на возачкото седиште, исто како и прекинувачот за магленките, па дир и позицијата на USB влезовите.

Затоа пак како бранител на традиционалните решенија тука е дигиталната инструмент табла ја задржува округлата форма во која е направено место и за дадатните индикатори наменети за следење на хибридните параметри.

Целиот пакет на тестното возило заедно со збогатеното Launch Edition ниво на опременост чини точно 16.281 евра. Многу, малку или пак точно одмерено? Одговорот може да го добиете во Аutomobile SK каде што прецизно ќе ви ја специфицираат и богато осмислената опрема.

Се разбира, нема да го премолчам и мојот личен став околу еколошкото издание на Fiat 500 Hybrid: стилот и имиџот се немерливи категории. Во случајов тие се спакувани заедно со еколошки компоненти, а тоа е мерливо и мора да се плати!

 

Fiat 500 Hybrid
мотор атмосферски бензинец, три цилиндри во линија, сместен напред попречно
работна зафатнина 999 cm3
пречник и од 70 x 86.5 mm
напојување multipoint вбризгување на гориво, две брегасти оски, два вентили по цилиндар,
максимална силина 51 kW / 70 КС @ 6.000
максимален вртежен момент 92 Nm  @ 3.500 врт/мин.
пренос на силина Рачен менувач, шест степени, погон на предна оска
потпирање Напред: Mc Pherson пружини, попречни рамења,

Назад: полукрута оска, спирални пружини

сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови / дискови – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 3.571 x 1.628 x 1.488 (mm)
меѓуоскино растојание 2.300 mm
тежина 980 kg
максимална брзина 167  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 13.8  секунди
комбинирана потрошувачка 4.1  l/100km
емисија  на CO2 93  gr/km

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото: Јулиа Егорова

 

 

 

 

Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови