СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Во светот

Czinger 21C: Иднината на дофат

 

Czinger е компанија од Лос Анџелес која на годинешниот салон во Женева (за жал, салонот е одложен) требаше да го прикаже револуционерниот супер спортист Czinger 21C.

Американецот Kevin Czinger живее во Лос Анџелес, … да, човекот има интересни идеји за тоа како треба да изгледа еден супер спортист од иднината.

Неговата замисла не оди во правец на копирање на некое „Ферари“, „Ламбо“ или пак „Корвета“. Тоа ниту во сон.

Човекот размислува малку, поточно драматично поинаку од сето тоа што до сега го знаеме од светот на супер спортистите.

 

Како може да изгледа различното?

Најпрвин тука е концепцијата во која возачот и сопатникот седат еден зад друг, нешто слично како кај мотоциклите. Тоа овозможува централно сместување на возачот што пак од друга страна овозможува перфектен преглед над ситуацијата.

Потоа, на ред доаѓа системот на дистрибуција на силината. V8 моторот од 2.88 литри сместен е централно и ги придвижува задните тркала, додека напред има по еден електромотор на секое тркало.

Шасијата изработена од алуминиум и карбонски влакна е екстремно со тоа е постигнат односот 1 kg : 1 КС. Што би значело, системска силина од 1250 КС на вкупна тежина од 1.250 kg. Внимавајте, ова веќе опасно мириса на драматична динамика.

И сега можеби главното: Czinger 21C е дизајниран со обилна помош на комјутерите, а главните делови се изработуваат со технологија на 3D принтери.

Со истата технологија се изработува и алуминиумската шасија, а за да биде воодушевувањето уште поголемо, за изработка на шасијата потребни се само неколку минути.

Оптимизирањето на компонентите исто така е резултат на комјутерски ангажман па такму затоа и изгледот на некои од нив отстапува од се што е видено до сега.

Поинаку кажано, 3D технологијата влегува на голема врата во автомобилскиот свет. За волја на вистината, засега само во екстремно скапите модели – од Czinger 21C е предвидена изработка на само 80 единици, по цена од 1.7 милиони долари.

 

Перформанси!

Да повторам, во двоседот се вградени еден V8 би-турбо мотор кој силината до задните тркала ја пренесува преку 7-степенски секвенцијален менувач, а на предните тркала е вграден по еден електромотор.

Со раположливата силина диригира посебно развиен менаџмент кој исто така е продукт на производителот.

Значи: Czinger 21C до првите 100 км/ч стигнува за 1.9 секунди, до третата стотка за 15, а до четвртата за 29 секунди, за која на пример на Koenigsegg Agera RS и се потребни 31.49 секунди.

И така продолжува тој со своите забрзувања до максималните 432 км/ч кога контролната електроника издава наредба „доста е“. Дали некој може подобро од ова? Да, постојат неколку производители кои можат и подобро од ова, но имајте на ум дека Czinger 21C е прво возило произведено со обилна помош на 3D штампачите.

Понатамошното набројување на употребените компоненти ќе не однесе во областа на применетата висока технологија, но можеби не е на одмет да ги споменеме батериите кои се од типот литиум-титан.

Од проектираните 80 примероци, 50 ќе бидат наменети за цивилна употреба, додека останатите 30 ќе бидат за тркачка патека. Верзијата со која ќе управуваат пилотите има променета аеродинамика, забрзувањата се уште поизразени а максималната брзина му е помала поради користење на масивен заден спојлер.

И така ви велам, Czinger 21C требаше премиерно да биде прикажан за салонот во Женева, кој поради опасноста од Корона грипот е одложен. Штета, ќе имаше што да се види!

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото: Czinger

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Во светот