СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Corsa, 208 или Clio?

 

Ги споредивме влезните варијанти на трите модела кои се појавија истовремено на Европскиот пазар. Компарацијата ја направивме исклучиво базирајќи се на податоците од службените сајтови на домашните увозници.

Opel Corsa, Peugeot 208 и Renault Clio играат видна улога во европскиот „Б“ сегмент кој всушност претставува и најпродавана класа на Стариот континент. Друштвото тука е прилично силно: Fiesta, Polo, Rio, Ibiza, Micra, Yaris … се се тоа прекалени борци од класата  „4 метри“.

Во овој жесток натпревар учествуваат и останатите јапонски производители со свои адути но, како по правило, Swift, Jazz, Space Star, … се помали по димензии и претставуваат посебна класа за себе.

Заедничко за сите три модели

Влезните модели на Corsa, 208 и Clio се придвижувани од трицилиндерски бензинци од по 75 КС, потоа, имаат мануелни менувачи со пет степени на пренос, и што е најважно, ценовно се изедначени односно сите три модела се позиционирани под 13 илјади евра. Како стандард во оваа класа се смета и механичка основа со McPherson на предната и торзија на задната оска.

Понатаму, претставници се на познатата француска школа за градски возила која во Европа има долга и богата традиција. Воопшто не би требало да се сомневаме и во потеклото на Corsa поради фактот што и Opel од пред три години е дел од PSA групацијата.

 

Opel Corsa Edition 1.2 (12.950 eur): Германското избива од него

Corsa дели идентична механичка основа со 208. Освен платформата тука се и моторите, менувачите, потпирањето, и се останато што не може да се забележи од надворешниот изглед.

Растојанието помеѓу оските изнесува 253.8 cm, а моторот вредно се врти во цела низа модели на Peugeot.

Тој припаѓа на наградуваната PureTech серија, волуменот од 1.199 ccm му е распореден во три, директно напојувани, цилиндри и – во оваа варијанта без помош од турбо полнач – испорачува 75 КС.

Од вака моторизираната Corsa не може да се очекуваат чуда: првата стотка ја фаќа за 13.2 секунди, со пристоен максимум од 174 км/ч. Убавината на конструкцијата со вака скромен мотор доаѓа при повторното налевање гориво: просечните 4.1 литри (94 gr/km, CO2) звучат прилично убедливо.

Германското потекло, на кое инсистираат од Opel, највеќе доаѓа до израз во рационалниот пристап и солидната изработка. Минатиот труд, на кого се посебно горди Германците, би требало да биде магнет за традиционалните купувачи.

 

Peugeot 208 1.2 Like (12.990 evra): Европски автомобил на годината

Добро, при доделување на најпрестижната автомобилска титула во Европа се води сметка за целата гама, а тука говориме за влезниот модел.

Сепак, самата титула доволно ги наговестува капацитетите на моделот. На другата страна на понудата стои целосно електрична варијанта со автономија од преку 330 километри.

Механичките компоненти се идентични со Corsa па нивното презентирање би значело само повторување на веќе презентираните перфоманси.

Главната разлика во однос на германскиот близнак, секако е во изгледот. Имплементираниот дизајнерски јазик е продолжување на стилот од репрезентативниот, 508 кој наиде на извонреден прием кај купувачите.

Во оваа класа за прв пат се сретнува така впечатлив, а воедно и заеднички, корпорациски дизајн. Токму на тој изглед се должи и визуелниот впечаток за помалите димензии, иако разликите со Corsa се изразуваат само во милиметри.

Внатрешноста ја заокружува приказната за оригиналноста; архитектурата е единствена, со засечен менувач над кој се гледа во долгнавестата електронска табла со инструменти кои во влезниот модел се со аналогни покажувачи.

Поради оригиналноста, тој изглед можеби некому и нема да му се допадне, но уверени сме дека тие што со воодушевување го прифаќаат, претставуваат апсолутно мнозинство.

 

Renault Clio Life SCe 75 (12.890 evra): По примерот на поголемите модели

Од двата модела Clio се разликува според помалиот мотор од само 999 ccm кој ослободува исто како и ривалите 75 КС, но и според полемата тежина за цели 168 kg.

Веќе се насетува дека малиот мотор при покренување на таа маса ќе мора да се врти на повисок број вртежи што автоматски значи и зголемена потрошувачка.

Изразено во бројки перформансите не импресионираат: 16.4 секунди до првата стотка, максимални 162 км/ч и просечна потрошувачка од 4.9 l/100 km.

Од друга страна, полемото меѓуоскино растојание за 45 mm, гарантира повеќе простор за патниците на задната клупа, а останува енигма како инженерите успеале до обезбедат багажник кој брои цели 391 литар. За разлика од двоецот на PSA, задните сопирачки се дискови а тркалата се 16-инчни, факти што секако ќе додадат поени на неговото салдо.

Опрема

Во поглед на опременоста се чини Corsa како да е најкомплетна. Во основната опрема вклучува системи за препознавање на знаци и за предупредување на будност на возачот (ги нема кај Clio).

За разлика од Corsa, кај основната изведба на 208 недостасуваат: детекција на пешаци, сензор за сопирање и ублажување на удар, индикатор за задржување на лента, команди за радио и темпомат сместени на управувач, електрика на реторовизори.

Clio додатно може да се пофали со предупредување за одржување на безбедносно растојание, систем за итно јавување, електрично прилагодливи ретровизори со функција за греење и вградени трепкачи, импулсно отворање на предни стакла, Full LED предни и задни светла. Малку несфатливо но на списокот не видовме ниту мануелен клима уред, а ниту пак радио приемник (само подготовка)!

 

Opel Corsa Peugeot 208 Renault Clio
мотор 3 цил. 1199 ccm 3 цил. 1199 ccm 3 цил. 999 ccm
силина 75 КС / при 5.750 75 КС / при 5.750 75 КС / при 6.250
вртежен момент 118 / при 2.750 118 / при 2.750 95 / при 3.600
забр. 0 -100 км/ч 13.2 сек. 13.2 сек. 16.4 сек.
макс. брзина 174 км/ч 174 км/ч 162 км/ч
димензии 4.060×1.765×1.435 4.055×1.745×1.430 4.050x1798x1.440
тежина 980 kg 980 kg 1.148 kg
меѓуоск. растој. 2.538 mm 2.538 mm 2.583 mm
багажен простор 309 litri 310 litri 391 litri
просечна потр. 4.1 l/100km 4.1 l/100km 4.9 l/100/km
емисија на CO2 94 gr/km 93 gr/km 112 gr/km
пневматици 195/55 R15 185/65 R15 195/55 R16

 

Заклучок

Opel Corsa, Peugeot 208 или Renault Clio? Секој од нив со свои адути. Corsa и 208 иако користат идентична механика, изгледот ја прави главната разлика. Додека кај „германецот“ доминира рационалоста и солидноста, „французинот“ се истакнува со силна есетска персоналност. Од друга страна Clio поради помалиот мотор покажува послаби перфоманси, а како предност во прв план избиваат организацијата на внатрешниот простор и безбедносната опрема.

Во случајов нема да ви бидеме од некоја корист со наша сугестија. Сепак за ист износ банкноти понудата е прилично избалансирана, па одлуката останува на личните преференции на секој купувач.

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг