СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Во светот

Citroën C4: Креативна интерпретација на високата технологија

Крајот на годината ќе го означи почетокот на испораките на Ситроеновиот компакт кој ќе може да се добие со бензиски или дизел мотор, но и како чисто електрично возило.

Додека главните играчи во Golf-сегментот воглавно инсистираат на истакнување на голите бројки, Citroën го прави тоа што најдобро го знае – креативностa. И емоција која нескриено извира од секој употребен естетски детал.

Високиот стил французите го демонстрираат и во целосно новата генерација на компактот, C4. Семејната припадност кон PSA групацијата се интерпретира со оригиналност својствена само на возилата со двоен „шеврон“ на носот.

Можеме да говориме за заедничка платформа која подржува вградување на идентични мулти-енергетски мотори, потоа за идентични менувачи, опрема … но сето тоа кај Citroën C4 добива нова, повисока естетска димензија.

 

Бензин, дизел или електрика

PSA групацијата сериозно ги сфаќа препораките на Европската комисија па сите нови модели (Peugeot, Citroen, DS, Opel) ги поставува на EMP2 платформата коja подржува различни по природа пропулзии.

Дивизијата на класични мотори ја сочинуваат PureTech бензинците од 100, 140 и 155 КС. Преносот до предната оска може да се одвива преку 6-степенска мануелна трансмисија или преку автоматика која брои до осум.

Боите на моторите кои трошат нафта ги бранат верзиите со 110 и 130 КС. Послабиот дизел се поврзува преку рачен менувач додека посилниот се испорачува само со 8-степенската автоматика.

Ако некој очекува понуда на прочуената активна хидраулика како повисоко ниво на удобност, малку ќе биде разочаран бидејќи таа, исто како и кај претходникот – воопшто не е опција.

Утешно делува сознанието дека новата „четворка“ има темелно преработено подвозје, па надалку прочуената француска удобност, воопшто не е загрозена.

Затоа во делот на системи за асистенција конструкторите покажале широкоградост – вкупно 20 ги има на број. Нема да ги набројуваме сите, но како показател нека послужи дека е вграден дури и систем за стабилизација на приколката.

Ако спојувањето на ветробранот со кровниот отвор го имаме видено и порано, во новиот Citroën C4 за прв пат ќе бидат понудени греење на ветробранот и управувачот. За заокружување на чувството за дигитално опкружување, понуден е и „хедап“ дисплеј во боја.

Да, под внатрешниот ретровизор има вградено и HD камера со меморија од 16 GB – според домашните закони снимките направени од неа не можат да се користат во јавност, но тоа, сепак, е само наша законодавна егзотика (!!!).

 

Citroën ë-C4 го движи електромотор

Сега доаѓаме до делот во кој се вложени големи средства – електричниот Citroën ë-C4. Електромоторот од 100 kW (136 КС) енергијата ја црпи од батерии вградени под задното седиште кои имаат капацитет од, релативно скромни, 50 kWh.

Тие се доволни за досег од 350 километри (мерено според новите, WLTP процедури) што доволно говори за ефикасноста на целиот систем.

Притоа максималната брзина е ограничена на 150 км/ч а забрзувањето од 9.7 секунди ќе ги задоволи и поамбициозните возачи.

Предноста на вградување на поскромен сет батерии, освен на цената, позитивно се одразува и врз брзото полнење.

За половина час батериите на ë-C4 ќе се наполнат до вредност од 80%. Приклучен на трофазен извор од 11 kW (се испорачува со возилото) полнењето трае околу 5 часа.

Сите овие карактеристики се многу блиски со директниот конкурент Volkswagen ID.3 а очекуваната цена (во Германија) ќе биде за дваесетина проценти пониска.

Одлична позиција која е прецизно испланирана и проектирана за целата PSA групација. Компаративната предност на Citroen останува високиот стил и креативноста при имплементација на високата технологија.

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Во светот