СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Премиерен настап на Ford Puma кај нас

 

Целосно новиот кросовер на Ford настапува со нов дизајнерски израз, познат мотор, апликација на нови технологии, и со стартна цена од солидни, 22.500 евра.

Ако производител нема претставник во SUV Б-сегментот тоа се смета како сериозен хендикеп. Тоа поготово важи за американците од Ford кои требаше интересот на публиката треба да го преусмери од моноволумените со проблематична аеродинамика (исклучително популарната серија позната според суфиксот „MAX“) кон исто така корисните SUV/кросовери модели.

Нов дизајнерски израз

Недостатокот од SUV претставник во градската класа, се до сега Ford го покриваше со подмалдување на времешниот EcoSport. Конечно е подготвена неговата замена која доаѓа во вид на целосно нов кросовер, Puma чие име е извлечено од богатото портфолио на марката.

Без никакви дилеми, изгледот на Puma ќе предизвика реакции. Традиционалните лубители на марката веројатно ќе приговараат преку нос, но помладите купувачи убедени сме нема да имаат ништо против новиот имиџ. Не е тешко да се претпостави дека надоаѓачките нови модели на Ford ќе бидат одредени варијации на истата тема.

 

Но тоа што е сокриено под лимот веројатно ќе предизвика уште поголеми реакции. Врз модифицирана платформа на Fiesta (меѓуоскино растојание зголемено на 2.588 mm) поставена е повеќе складна, отколку оригинална каросерија со должина од 419 cm.

Видлив е дизајнерскиот напор Puma да изгледа моќно и да оддава впечатокот на доволна моќност за да се избори со градските неприлики. Службените најави говорат дека овој стил ќе бие присутен и во идните модели на Ford.

Докажан мотор со гомила новитети

Кога подобро ќе се погледне испаѓа дека добро познатиот мотор е средиште на применетата технологија. Како прво, тој е достапен во две силини, 125 и во набилдана верзија со цели 155 КС.

 

Плус прилагоден е да работи во пар со мек хибрид (mild hybrid) кој функционира на напон од 48 волти. Мотор-генераторот освен што ги опслужува сите електрични потрошувачи, тој помага со одреден вртежен момент на бензинецот. И како цреша на врвот на тортата, тој е единствениот мотор со три цилиндри кој во Puma ќе има можност за деактивирање на цилиндри (во случајот исклучува само еден).

Значи: ако не е оптеретен тој работи само со два цилиндри. Сето тоа во атер на намалената емисија на неговата светост, CO2. Во крајна линија тоа е одлучувачкиот фактор според кој се плаќаат давачките, а тие средства на крајот, нели, ги брои купувачот.

Бројна е и бригадата на сериски вградената безбедносна опрема, а уште подолга е листата на понудената персонализација. Сега бездруго насетувате, секое „јас сакам“ ја билда цената за не баш мали износи.

Кога веќе сме тука, во салонот на домашниот увозник е веќе понуден Ford Puma со цена која за бензинецот од 125 КС, со мануелен менувач, започнува од 22.500 евра. Црвениот примерок на Puma Titanium (додатно оплеменет со: металик боја, Comfort Pack 1 и Drive Assistance Pack) чини 25.920 евра!

 

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото: Ford MI-DA Grand Motors

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг