СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Анализи

Конструкцијата на електричните наспроти класичните возила

 

Кои се главните конструкциски разлики помеѓу возилата придвижувани со мотори со внатрешно согорување и електровозилата.

Електрификацијата на возилата е завршена работа. Само тајмингот останува дилема. Ако се повикаме на германскиот пазар како најголем и највлијателен во Европа, од 2030 во салоните ќе се нудат само електрични возила.

Како основен мотив за големата (и скапа) револуција се истакнува загадувањето односно нултата емисија на издувни гасови.

Колку е тоа тврдење точно и од кого е наметнато, останува како интересна тема на која секако повторно ќе се навратиме.

Во случајов би сакале да ги нотираме основните разлики во конструкцијата на возилата погонувани со класични и тие со електромотори.

Јасно, на прво место е загадувањето, додека моторите со внатрешно согорување сеуште низ издувните цевки испуштаат штетни материи, кај електромоторите нема ниту потреба од „ауспуси“.

Како основна конструкторска разлика се наметнува бројот на вградени мотори. Додека кај возилата со внатрешно согорување без исклучок говориме за еден мотор, кај електромоторите тие може да бидат еден, два, три или пак четири на број.

Ако го додадеме и отсуството на менувач, која е неопходен кај класичните мотори, стигнуваме до позиција која неоспорно оди во прилог на електричарите.

Кај возилата кои користат погон на сите четири тркала, електровозилата носат уште една елегантна победа. Електромоторите може да се постават на двете оски (дури и на секое тркало по еден) па така отпаѓа потребата од механичко поврзување помеѓу менувачот и тркалата.

Ако кон овие предности го додадеме и идеалниот распоред на тежината помеѓу оските, и згора на тоа ниското тежиште кое овозможува далеку поголема стабилност, јазичето на вагата недвосмислено превагнува на страната на електричните возила.

Некој ќе помисли дека воопшто нема простор за споредби, но не е се така сјајно како што изгледа.

Примарна предност на класичарите е поголемата автономија, која кај некои возила достигнува и до илјада километри. Од друга страна сите знаеме колку време ни треба за едно „танкање“ на нафта, бензин или плин.

Споредбите со тежина се поприлично изедначени. Се што се добива со замена на тешките механички делови (мотор, менувач, оски) со лесните и моќни електромотори, исчезнува во миг со вградување на поприлично тешките батерии.

„Скејтборд“ архитектурата која преовладува кај електричните возила, на дизајнерите им овозможува голема слобода при процесот на дизајнирање. Поради ограничените крајни брзини и влијанието на аеродинамиката добива второстепено значење.

Токму затоа и стилизираните верзии на легендарните модели сé повеќе стануваат реална понуда. Од ова правило исклучок претставуваат електромобилите со супер моќни мотори кои имаат спортски амбиции. Таму сепак аеродинамиката игра пресудна улога.

Ова се главните разлики помеѓу возилата со класични мотори и електричните возила. Притоа воопшто не го допревме еколошкиот момент кој е силно присутен во фонот на актуелната автомобилска револуција.

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Анализи